Потпретседателката Камала Харис зеде маргинална предност пред републиканецот Доналд Трамп во претседателската трка во САД, покажа новата анкета на Ројтерс/Ипсос.
Таа денес е во Висконсин, една од одлучувачките сојузни држави, нејзиното прво патување во кампањата како очекуван демократски кандидат.
Харис беше пред Трамп со 44% наспроти 42% меѓу регистрираните гласачи во националната анкета, спроведена вчера и денес, откако претседателот Џо Бајден се откажа од изборната трка во неделата и ја поддржа Харис за негов наследник.
Претходните истражувања направени пред заминувањето на Бајден покажаа дека Харис и Трамп се изедначија со 44 отсто пред една недела, а Трамп беше пред неа за процентен поен на почетокот на месецов.
Во сите три случаи, разликата беше во рамките на маргината на грешка од 3 поени, но резултатите може да сигнализираат ограничен моментум во насока на демократите, откако Трамп официјално ја прифати номинацијата за претседател на Републиканската национална конвенција минатата недела во Милвоки.
Харис брзо ја консолидираше поддршката на својата партија откако Бајден (81) ја напушти кампањата за реизбор под притисок на членовите на неговата партија, кои се загрижени за неговата способност да го победи Трамп или да служи уште еден четиригодишен мандат.
Таа ја осигура номинацијата во понеделникот вечерта со добивањето ветувања од мнозинството делегати кои на партиската конвенција следниот месец ќе го одредат кандидатот, се вели во кампањата.
Повеќето демократски законодавци ја поддржаа нејзината кандидатура, вклучително и лидерите на партијата во Сенатот и Претставничкиот дом, Чак Шумер и Хаким Џефрис, кои денес ја поддржаа Харис на заедничка прес-конференција.
Неофицијалното истражување на делегатите на Асошиетед прес покажа дека Харис има повеќе од 2.500 делегати, што е многу повеќе од 1.976 потребни за номинација.
Делегатите сè уште можат да се предомислат, но никој друг не доби гласови во анкетата на АП; 54 делегати се изјаснија дека се неопределени.
Подемот на Харис драматично ги преобликува изборите на кои многу гласачи не беа задоволни со нивните опции.
Со загриженоста за неговото здравје и постојаните високи цени, Бајден губеше против Трамп во анкетите, особено во конкурентните сојузни држави, кои веројатно ќе ги одлучат изборите.