Линкови за пристапност

Камала Харис има доволно поддршка за да биде кандидат на Демократската партија


Потпретседателката на САД Камала Харис зборува во седиштето на нејзината претседателска кампања во Вилмингтон, Делавер
Потпретседателката на САД Камала Харис зборува во седиштето на нејзината претседателска кампања во Вилмингтон, Делавер

Потпретседателката на САД Камала Харис неофицијално обезбеди доволно поддршка за да биде кандидат на Демократската партија на претседателските избори во ноември, додека партиските функционери се подготвуваат да го финализираат процесот за формално номинирање кандидат пред Демократската национална конвенција следниот месец.

Во извештајот на Асошиетед прес доцна вчера имаше повеќе од 2.200 делегати кои ја поддржаа Харис, со што лесно го надминаа мнозинството од 1.976 што ќе ѝ бидат потребни на конвенцијата за да ја добие номинацијата.

Извештајот беше заснован на јавни изјави на државните партии и интервјуа со поединечни делегати, објави АП.

„Очекувам формално да ја прифатам номинацијата наскоро“, рече Харис во изјавата доцна вчера.

Дури и пред претседателот Џо Бајден да го објави своето повлекување од трката, демократските лидери планираа да одржат виртуелно гласање пред конвенцијата на 19-22 август.

Бајден веднаш ја поддржа потпретседателката Камала Харис како кандидат на партијата.

Поддршката на Бајден ги охрабрува делегатите да гласаат за Харис, но од нив не се бара да гласаат за неа.

„Почестена сум што ја имам поддршката од претседателот и мојата намера е да ја заработам и да ја освојам оваа номинација“.

Доколку партијата го одржи виртуелното гласање и Харис добие мнозинство од гласовите на делегатите, таа ќе стане демократски претседателски кандидат.

Доколку ниту еден кандидат не добие мнозинство, номинираниот ќе биде избран на отворена конвенција во август.

Демократската партија се соочува со тесна временска рамка за да се обедини околу нов кандидат и да организира конкурентна кампања на општите избори против републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и кандидатот за потпретседател Џеј-Ди Венс.

Претседавачот со Демократскиот национален комитет Џејми Харисон, им рече на новинарите во понеделникот дека партијата ќе го избере својот кандидат до 7 август.

Харис собра повеќе од 80 милиони долари за нејзината кампања неколку часа откако претседателот Џо Бајден се повлече во неделата од трката и ја поддржа нејзината кандидатура.

Бројни демократски функционери ја поддржаа кандидатурата на 59-годишната Харис, а ниеден клучен конкурент не најави дека ќе се бори со неа за номинацијата.

„Доналд Трамп сака да ја врати нашата земја назад во време пред многу од нашите сограѓани Американци да имаат целосни слободи и права. Но, ние веруваме во посветла иднина која им прави простор на сите Американци“, рече Харис.

Трамп ја прифати номинацијата на Републиканската партија на конвенцијата минатата недела.

Стив Херман придонесе за овој извештај. Некои информации се од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG