Руските власти соопштија дека на американскиот новинар Еван Гершкович ќе му се суди во градот Екатеринбург, каде што беше приведен пред повеќе од една година под обвиненијата што неговиот работодавец вели дека се лажни.
Канцеларијата на руското државно обвинителство соопшти дека обвинението против Гершкович е финализирано и неговиот случај е поднесен до Регионалниот суд во Свердловск во Екатеринбург, град на околу 1.400 километри источно од Москва.
32-годишниот е обвинет за „собирање тајни информации“ за објект во регионот Свердловск кој произведувал и поправал воена опрема, соопшти канцеларијата на Јавното обвинителство.
Гершкович, неговиот работодавец и американската Влада ги негираат обвинувањата, а Стејт департментот го прогласи новинарот дека е погрешно приведен.
„Новинарството не е кривично дело. Обвиненијата против него се лажни, а руската Влада знае дека се лажни. Тој треба веднаш да биде ослободен“, објави Стејт департментот.
Тоа е првпат Русија јавно да ги детализира обвинувањата против новинарот. Руските власти не доставија никакви докази за да ги поткрепат обвинувањата против Гершкович, кој беше акредитиран од Министерството за надворешни работи да работи во земјата.
Гершкович, дописник на „Вол стрит журнал“ од Русија, е затворен во Москва откако беше уапсен во март 2023 година под обвинение за шпионажа.