Израелските власти денес се спротивставија на одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ја паузира испораката на одредено оружје за Израел поради загриженоста за израелскиот план за проширување на воената операција во Рафа што САД не ја поддржуваат.
Амбасадорот на Израел во Обединетите нации Гилад Ердан го нарече потегот „тешка и многу разочарувачка изјава што може да се слушне од претседател на кого сме му биле благодарни од почетокот на војната“.
Екстремно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир објави на X, порано познат како Твитер, „Хамас го сака Бајден“.
Бајден во интервјуто емитувано вчера на Си-Ен-Ен изјави дека САД ќе продолжат да го снабдуваат Израел со одбранбено оружје.
„Јасно ставив до знаење дека ако одат во Рафа - сè уште не отишле во Рафа - ако одат во Рафа, јас не го снабдувам оружјето што се користело историски за справување со Рафа, за справување со градовите, кои се занимаваат со тој проблем“, рече тој.
Одлуката на Бајден уследи по дискусиите со Израел за тоа како „ќе дејствува поинаку против Хамас таму отколку на друго место во Газа“, рече висок претставник на администрацијата во изјава испратена до Гласот на Америка.
Службеникот зборуваше под услов да остане анонимен.
Копнениот напад врз Рафа, во јужниот дел на Газа, би ги загрозил животите на 1,3 милиони цивили кои се евакуирале од северниот и централниот дел на територијата за да побараат безбедност од воениот одговор на Израел, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Претставници на администрацијата постојано велат дека САД нема да поддржат инвазија на Рафа, освен ако Израел не обезбеди веродостоен план за тоа како ќе ги заштити цивилите.
Во телефонскиот разговор на 4 април, Бајден го предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху дека ќе ја запре воената помош доколку Израел не го промени своето воено однесување.
Разговорите за задржување на оружјето започнаа во април, бидејќи Израел се чинеше поблиску до одлука за Рафа, рече официјалниот претставник.
Оттогаш, Израелците „целосно не се осврнаа на нашите грижи“, а одлуката за паузирање на трансферот на оружје беше извршена „минатата недела“.
Ова е првпат САД да користат пауза за трансфер на оружје за да влијаат на военото однесување на Израел по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври.
Поранешниот претседател Доналд Трамп го обвини Бајден во објава на социјалните мрежи рано денес дека „зазема страна“ на Хамас.
Членовите на Претставничкиот дом на САД од Демократската партија на Бајден го пофалија овој потег, вклучувајќи ја и конгресменката Пресли, која рече дека САД „имаат јасна обврска да го запрат масакрот на невините цивили“.
Дописничката од Конгресот за Гласот на Америка Кетрин Гипсон, дописничката од Пентагон Карла Баб и дописничката од Стејт департмент Најки Чинг придонесоа за текстот