Линкови за пристапност

Нетанјаху: Офанзивата на Рафа ќе се случи со или без прекин на огнот и договор за ослободување заложници


Бајден вети соработка со Египет и Катар за спроведување на предложениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Бајден вети соработка со Египет и Катар за спроведување на предложениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе изврши воена операција во градот Рафа, јужна Газа, без разлика дали има договор со Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои се држат во Газа.

„Идејата дека ќе ја запреме војната пред да ги постигнеме сите нејзини цели не доаѓа предвид. Ќе влеземе во Рафа и таму ќе ги елиминираме баталјоните на Хамас - со договор или без договор, за да постигнеме целосна победа“, го цитираше канцеларијата на Нетанјаху на средбата со семејствата на заложниците.

Нетанјаху рече дека е неопходно израелските сили да влезат во Рафа за целосно да го поразат Хамас, кој изврши напад врз Израел во октомври во кој загинаа 1.200 луѓе.

Хамас, исто така, зеде околу 250 заложници за време на нападот, а се верува дека сè уште држи околу 100, заедно со останките на 30 или повеќе заложници кои или биле убиени или на друг начин умреле во следните месеци.

Повеќе од половина од населението на Газа се засолнува во Рафа, кој се наоѓа долж границата меѓу Газа и Египет.

Многу Палестинци побегнаа во Рафа за да ги избегнат израелските напади, а Обединетите нации предупредија на потенцијална хуманитарна катастрофа доколку Израел изврши голема копнена офанзива во градот.

Белата куќа во понеделникот соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ветил дека ќе работи со Египет и Катар за да се обезбеди спроведување на предложениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Во телефонските разговори со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и катарскиот емир шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, Бајден ги повика лидерите да направат се што можат за да извршат притисок за ослободување на заложниците кои се уште ги држи Хамас во Газа.

Во соопштението на Белата куќа беше опишано ослободувањето на заложниците како „единствена пречка за итен прекин на огнот и олеснување за луѓето во Газа“.

Соединетите Американски Држави, Египет и Катар беа вклучени во повеќемесечни разговори со цел запирање на војната. Предлогот што сега се разгледува вклучува прекин на огнот во траење од околу шест недели, ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас, ослободување на палестинските затвореници кои ги држеше Израел и зголемување на хуманитарната помош за палестинските цивили во Газа.

Претставници на Хамас се состанаа со претставници од Египет и Катар во понеделникот во Каиро за да разговараат за предлогот.

Разговорите доаѓаат во моментот кога американскиот државен секретар Антони Блинкен е во посета на регионот за да разговара за ситуацијата со официјални лица во Саудиска Арабија, Јордан и Израел.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 34.500 луѓе, од кои околу две третини жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Некои материјали во овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG