Линкови за пристапност

Израел најави дека ќе ја продолжи операцијата во Рафа


Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот соопшти дека предлогот за прекин на огнот е „далеку од суштинските барања на Израел“, но оти Израел ќе испрати преговарачи во Каиро за да ги продолжат разговорите за прекин на огнот
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот соопшти дека предлогот за прекин на огнот е „далеку од суштинските барања на Израел“, но оти Израел ќе испрати преговарачи во Каиро за да ги продолжат разговорите за прекин на огнот

Израелската војска во понеделникот соопшти дека извршува напади во градот Рафа во јужна Газа, веднаш откако Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот за запирање на војната со Израел.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот соопшти дека предлогот за прекин на огнот е „далеку од суштинските барања на Израел“, но дека Израел ќе испрати преговарачи во Каиро за да ги продолжат разговорите за прекин на огнот.

Во меѓувреме, во Вашингтон, Белата куќа ги повика сите страни да постигнат договор. Преговарачите во Египет се обидуваа да доведат до привремено запирање на борбите и ослободување на заложниците кои сè уште ги држи Хамас во Газа.

„Сакаме да ги извлечеме овие заложници“, рече Џон Кирби, портпарол за национална безбедност на Белата куќа.

„Сакаме да постигнеме прекин на огнот за шест недели. Сакаме да ја зголемиме хуманитарната помош и последното нешто што сакам да направам е да кажам нешто на оваа говорница што ќе го доведе тој процес во ризик. Без разлика, како што рековме претходно, ние сè уште веруваме дека постигнувањето договор е апсолутно најдобриот исход, не само за заложниците, туку и за палестинскиот народ“.

Израелските одбранбени сили во понеделникот вечерта објавија на платформата за социјалните медиуми Х дека „во моментов извршуваат насочени напади врз терористички цели на Хамас во источна Рафа“.

Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели: „Воениот кабинет едногласно одлучи Израел да ја продолжи операцијата во Рафа за да изврши воен притисок врз Хамас со цел да се направи напредок во ослободувањето на нашите заложници и другите цели на војната“.

И за ова, Белата куќа изрази силен став, при што претседателот Џо Бајден разговараше со Нетанјаху во телефонскиот разговор во понеделник наутро.

„Не е важно дали се работи за проектили или ракети; работи кои убиваат невини луѓе, тоа не е во ред“, рече Кирби.

„И повторно, претседателот јасно стави до знаење дека не сакаме да видиме операции во Рафа што ги ставаат во опасност тие милион ипол луѓе што се таму“.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден „го повторил својот јасен став за Рафа“ за време на неговиот разговор со израелскиот лидер.

Исто така, се вели дека Нетанјаху се согласил „да се осигура дека преминот Керем Шалом е отворен за хуманитарна помош за оние на кои им е потребна“.

Бајден, исто така, беше домаќин на кралот на Јордан во Белата куќа, каде што зборуваа за ситуацијата во Газа.

Претходно во понеделникот, Израел рече дека околу 100.000 луѓе во источните делови на Рафа треба да ги евакуираат своите домови и да одат во проширена хуманитарна област која сега го вклучува и Кан Јунис.

Палестинци држат летоци фрлени од израелски авиони во кои ги повикуваат да се евакуираат пред израелската воена операција во Рафа, јужниот дел на појасот Газа, 6 мај 2024 година
Палестинци држат летоци фрлени од израелски авиони во кои ги повикуваат да се евакуираат пред израелската воена операција во Рафа, јужниот дел на појасот Газа, 6 мај 2024 година

Израел рече дека офанзивата во Рафа е неопходна за да се победи Хамас, додека САД, Обединетите нации и други, предупредија на потенцијална хуманитарна катастрофа доколку Израел изврши напад од големи размери во областа каде што се засолнува повеќе од половина од населението во Газа.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин повторно го истакна ова прашање во неделниот телефонски разговор со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Во соопштението на Пентагон се вели дека Остин „ја потврдил својата посветеност на безусловното враќање на сите заложници и ја нагласил потребата за секоја потенцијална израелска воена операција во Рафа да вклучи веродостоен план за евакуација на палестинските цивили и одржување на протокот на хуманитарна помош“.

Војната меѓу Израел и Хамас почна по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, во кој загинаа 1.200 луѓе и беа ккиднапирани околу 250 заложници, според израелските власти.

Околу 100 од заложниците беа ослободени во еднонеделното примирје кон крајот на ноември.

Во последователната контраофанзива на Израел во Газа загинаа повеќе од 34.600 Палестинци, од кои околу две третини жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Откако Хамас во понеделникот изјави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во телефонски разговор со премиерот на Катар и министерот за разузнавање на Египет, израелските власти изјавија за медиумите дека планот одобрен од Хамас не е она на што Израел се согласил.

Стејт департментот на САД и Белата куќа соопштија дека го разгледуваат одговорот на Хамас.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, изјави за новинарите во понеделникот дека директорот на ЦИА Вилијамс Барнс е во регионот каде разговара за одговорот на Хамас.

„Сакаме да ги извлечеме овие заложници, сакаме да воспоставиме примирје за шест недели, сакаме да ја зголемиме хуманитарната помош“, рече тој.

Дел од информациите во текстот се АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG