Објавата на Израел дека го блокира влезот на хуманитарна помош во Газа преку неговите контролни пунктови предизвика страв и паника за купување на пазарите во Газа.
Овој потег доаѓа кога започнува светиот муслимански месец Рамазан, кога муслиманите постат од утро до мрак и споделуваат празнични оброци во вечерните часови.
Рамазан годинава се одржува во услови на огромно уништување предизвикано од 16-месечните тешки борби меѓу Израел и Хамас, означен како терористичка група.
„Затворањето на преминот има негативно влијание врз нас, како раселени луѓе кои се вратија во градот Газа. Месец Рамазан е и ни требаат многу работи. Мојата куќа беше бомбардирана и уништена. Немам ништо и нема ништо во Газа. Сè е скапо и недостапно“, вели Маи Ал-Коудари, раселен жител на Газа.
Израел вели дека сепак треба да има доволно храна во Газа за да трае со месеци. Прекинот на хуманитарната помош доаѓа откако преговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас пропаднаа.
Хамас киднапираше 250 луѓе во терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел, предизвикувајќи војна што остави десетици илјади Палестинци и повеќе од 1.700 Израелци мртви.
Досега 147 заложници се вратени живи во Израел, повеќето во двата договора за прекин на огнот со Хамас.
Израел, исто така, ослободи околу 2.000 палестински затвореници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека потегот за намалување на помошта има за цел да го принуди Хамас да продолжи со сегашниот договор за прекин на огнот како што беше предложен од претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток Стив Виткоф.
„Израел одлучи да престане да пушта производи и залихи во Газа, нешто што го правевме изминатите 42 дена. Го направивме тоа затоа што Хамас ги краде залихите и ги спречува жителите на Газа да ги добијат. Ги користи овие залихи за да ја финансира својата терористичка машина која е насочена директно кон Израел и нашите цивили“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Многу Израелци изразија поддршка за тврдокорната политика на премиерот. Но, многу од семејствата на преостанатите 63 заложници се плашат дека прекинот на помошта за Газа може да предизвика повеќе страдања за заложниците, па дури и да го загрози нивното ослободување по повеќе од 500 дена во заробеништво.
„Спречувањето камиони со хуманитарна помош да влезат во Газа влијае и на нашите заложници. Знаеме точно дека гладта во Газа директно ги погодува. И ние знаеме од луѓето кои се вратија и кажаа дека нашите заложници добиваат построг третман“, вели Захиро Шахар Мор, роднина на убиен заложник.
Хамас, арапските држави, Обединетите нации и групите за човекови права, го осудија израелското блокирање на пратки со помош, обвинувајќи го Израел за кршење на условите за прекин на огнот.
Арапската лига оваа недела ќе одржи итен самит за да се реши потребата за прекин на војната меѓу Израел и Хамас.
Facebook Forum