Линкови за пристапност

Претставникот на Трамп ја опиша средбата со Хамас како многу корисна


Американскиот пратеник за заложници Адам Болер зборува во Стејт департментот во Вашингтон, на 6 март 2025 година. (Фото: АФП)
Американскиот пратеник за заложници Адам Болер зборува во Стејт департментот во Вашингтон, на 6 март 2025 година. (Фото: АФП)

Претставникот на претседателот Доналд Трамп за заложници Адам Болер, изјави дека неговите минатонеделни состаноци со Хамас, означен од САД како терористичка група, за заложниците што ги држи во Газа биле „многу корисни“ и може да доведат до нивно ослободување „во рок од неколку недели“.

„Мислам дека има договор со кој ќе се ослободат сите заложници“, рече Болер за Си-Ен-Ен.

„Мислам дека има надеж“, рече тој.

„Можете да видите нешто како долгорочно примирје“.

Се верува дека Хамас сè уште има 24 живи заложници киднапирани во нападот на 7 октомври 2023 година што ја предизвика неговата војна со Израел.

Групата, исто така, држи тела на 34 други кои биле убиени, како и останките на војник убиен во 2014 година.

Болер не исклучи дополнителни средби со палестинската терористичка група.

Состаноците на пратеникот со лидерите на Хамас, чија цел е уништување на Израел, дојдоа со противење на еврејската држава.

Болер рече дека ја разбира загриженоста изразена од израелскиот функционер Рон Дермер за директниот контакт на Болер со Хамас.

Болер нагласи дека има јасна цел во неговите разговори да најде начин да го продолжи истеченото примирје во борбите и да стави крај на војната, во која беа убиени 1.200 луѓе во првиот напад на Хамас и повеќе од 48.000 Палестинци за време на последователната контраофанзива на Израел.

„Мислам дека беше многу корисен состанок“, рече Болер.

„Ние сме САД. Ние не сме агент на Израел“, рече Болер.

„Она што сакав да го направам е да започнам некои преговори кои беа на многу кревко место“.

„Без разлика дали се добри или лоши луѓе, тоа е дел од мојата работа“, одговори тој.

Дискусиите меѓу Болер и Хамас ја прекинаа децениската политика на Вашингтон против преговарањето со групите што САД ги означува како терористички организации.

Исто така, Болер рече дека не знае дали американскиот новинар Остин Тајс е жив во Сирија.

„Ќе одам во Сирија и ќе дадам се` што можам за да дознаам“, рече Болер.

„Ако е таму, ќе го донесам дома“.

Претставниците на САД на Блиски Исток оваа недела треба да ги продолжат разговорите за прекин на огнот во Газа.

Во меѓувреме, Израел во неделата соопшти дека го прекинува снабдувањето со електрична енергија за Газа, една недела откако го прекина снабдувањето со помош на територијата долж Средоземното Море.

Израел го притиска Хамас да прифати продолжување на првата фаза од нивниот прекин на огнот, кој заврши пред една недела.

XS
SM
MD
LG