САД велат дека изборот на поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска за нов заменик-генерален секретар на НАТО, покажува оти сите сојузници имаат удел во иднината на Алијансата, независно кога државата станала членка на НАТО.
Во изјава за Гласот на Америка на македонски, Стејт департментот ја поздрави најавата на генералниот секретар Марк Руте за назначување на Шекеринска.
„Нејзината селекција за заменик-генерален секретар нагласува како сите 32 сојузника имаат удел во иднината на Алијансата и обезбедуваат суштинско лидерство, без разлика кога нивната земја се приклучила на НАТО“, изјави портпарол на Стејт департментот.
Руте го објави изборот на Шекеринска на официјалната веб-страница на НАТО Алијансата, велејќи „таа вистински верува во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка“.
На прашањето на Гласот на Америка на македонски дали САД очекуваат изборот на Шекеринска да придонесе кон зајакнување на односите меѓу САД и Северна Македонија, како НАТО членки, Стејт департментот одговори:
„САД го ценат нашето безбедносно партнерство со Северна Македонија како цврст НАТО сојузник. Членството на Северна Македонија во НАТО ги зајакнува безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион на Западен Балкан, и целата Алијанса ќе има корист од искуството и експертизата на министерката Шекеринска“.
Шекеринска ќе ја преземе оваа функција подоцна годинава.
На социјалната мрежа Икс, таа напиша дека ќе ѝ биде привилегија да ја извршува функцијата заменик-генерален секретар на НАТО.
„Посветена сум да работам со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска.
Нејзиниот избор го поздравија професори, сегашни и поранешни политичари, амбасадори, меѓу кои и американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер.
„Мои најтопли честитки за Радмила Шекеринска, новиот заменик-генерален секретар на НАТО, и за Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за поддршка на нејзината кандидатура. Моќна потврда за експертизата и искуството на Шекеринска и за улогата на Северна Македонија како ценет партнер во НАТО и на САД“, напиша Агелер на социјалните мрежи.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата немала дилема да ја поддржи Шекеринска за заменик-генерален секретар, посочувајќи на национално единство, објавија медиумите.
Шекеринска претходно беше вицепремиерка за европски интеграции и министерка за одбрана, вклучувајќи и кога земјата влезе во НАТО во 2020 година.
Facebook Forum