Радмила Шекеринска е назначена за следна заменичка-генерален секретар на НАТО. Тоа денеска беше објавено на официјалната интернет страница на Алијансата, каде што се вели дека Шекеринска е назначена по одлука на генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, се вели во објавата каде што се пренесува изјавата од Руте.
Шекеринска беше министерка за одбрана во времето додека Зоран Заев беше на премиерската позиција. На високата позиција во НАТО, Шекеринска ќе го наследи Мирчеа Џоана, кој функцијата ја извршуваше од 2019 година.
Според објавата, Шекеринска ќе го презеде извршувањето на новата позиција подоцна до крајот на оваа година.