Назначувањето на поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска за заменик- генерален секретар на НАТО е голема чест за македонската држава, велат универзитетски професори и дел од поранешни носители на високи државни фунцкции.
Ова има големо значење за Северна Македонија, за регионот на Западен Балкан и Југоисточна Европа, како најава за особен интерес на НАТО Алијансата за состојбите во неговото југоисточно крило, вели поранешениот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
„Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ќе има како прв соработник експерт и искусен политичар, кој повеќе од две децении е во жижата на настаните што ја обдбележија поблиската историја на регионот, во кој што постојат сѐ уште земји кои не се членки на НАТО“, вели Филипов.
На ова назначување, Филипов гледа како на добар потег на Генералниот секретар и на НАТО.
„Затоа што делуваат врз база на реалната состојба во која нема да има баш некое време за погрешни проценки и грешки. Таа е искусен политичар, наполно посветен Европјанин и верен следбеник на идеите на евроатлантската соработка, во исто време и способен извршител на одлуки донесени на највисоки нивоа на НАТО“.
И универзитетскиот професор Мерсел Биљали за Гласот на Америка на македонски, вели дека ваквата одлука е од од големо значење, не само за Северна Македонија, туки и за целиот балкански регион.
„Мислам дека тоа има големо значење за целата држава и регионот како целина, особено што Шакеринска во тоа својство не е избрана по волја на ниедна власт, туку како ретко подготвена и комплетирана личност со силен морален кредибилитет, знаење, политичко убедување и личен кредибилитет. Тоа е многу важно и за државата и за целиот регион, оти НАТО сојузот ќе има информации од прва рака од многу компетентна личност, за многу прашања поврзани од одбранбен аспект за балкански регион и поширок“.
Ова е незабележан успех во македонската политичка историја. Особено, имајќи предвид дека станува збор за жена, со долгододишни и неуморни битки во областа на евроинтеграците, безбедноста, одбраната, демократијата, вели универзитетската професорка Ана Чупеска.
„Шекеринска е извонреден и доверилив политичар од светски рамки (демократски) и како исклучително квалитетна таа е меѓунардно етаблирана. Имајќи го во предвид ова, воопшто не сум изненадена што стана втор човек на НАТО. Ова го разбирам како природна последица од нејзиниот професионален ангажман кој несомнено е исклучителен и конзитентен. Таа, не е без причина, поставена за втор човек во најмоќниот сојуз на држави во светот. Напротив, сите ние, без разлика на политичката афилијација, треба да сме горди на ова назначување, затоа што во рамките на НАТО ќе имаме уште поголем рефелекс“.
За поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, назначувањето на Шекеринска на оваа важна позиција ќе придонесе за понатамошна афирмација на македонската држава.
„Во неколку наврати, кога стануваше збор за македонските политичари, јавно изјавував дека Радмила Шекеринска е најдобро етаблираниот политичар во меѓународни рамки. Углед стекнат со доследност, упорност и посветеност во изградбата на безбедносните структури на земјата и растот на угледот на државата во меѓународната зедница. Нејзиното именување за следен заменик- секретар на НАТО е само логична последица за нејзиниот политички ангажман, внатре и надвор од земјата“, кажа Петковски.
Македонската дипломатија денеска добива круна. Вака вели експремиерот Зоран Заев.
„Македонската дипломатија денес добива круна. Назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик- генерален секретар на НАТО е признание за нејзините професионалност, посветеност и визија за демократски и безбедни општества, но е признание и за сите наши домашни и меѓународни напори да обезбедиме мир, стабилност и интеграција со современиот демократски свет. Ова е доказ дека Северна Македонија е исклучително важна членка на НАТО“, рече Заев.
„Со огромна гордост ја поздравувам веста за назначувањето на Радмила за нов заменик генерален секретар на НАТО. Нејзиниот труд, посветеност и визија отсекогаш биле инспирација за сите нас кои имаме чест да ја познаваме лично. Ова е голем успех за неа, но и за нашата земја, пример за тоа како Северна Македонија ја зајакнува својата улога на глобалната сцена“, изјави Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана.
Радмила Шекеринска е вистинскиот избор за втор човек на НАТО - најмоќниот воено-политички сојуз во светот.
Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност, силно верувам дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност. Назначувањето на Шекеринска е уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, кои со посветена работа успеаја да ја внесат Северна Македонија во НАТО“, изјави Филипче.
Новата функција Шекеринска ќе почне да ја извршува до крајот на годинава.