Радмила Шекеринска ќе биде втор човек во НАТО. Новиот Генерален секретар на Алијансата, поранешниот холандски премиер Марк Руте, денеска соопшти дека се решил македонската политичарка да биде негова заменичка.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик-генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучите на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа важна улога“, пишува во писмената изјава на Руте што ја објавија од НАТО.
Радмила Шекеринска, во претходните влади на СДСМ предводени од Зоран Заев, во периодот од 2017 до почетокот на 2022 година беше вицепремиерка и министерка за одбрана. Таа беше и вицепремиерка за европски прашања од 2002 до 2006 година. Важи за одличен познавач на регионалните случувања и за некој со добри контакти во светската политика.
Нејзиното назначување за заменик-генерален секретар на НАТО е највисока позиција што досега во Алијансата ја добил кој било претставник на Северна Македонија – земја која од 2020 е членка на НАТО. Таа би требало и формално да ја преземе позицијата до крајот на годинава.
Ќе ми биде привилегија да му служам на НАТО како замик-генрален секретар под водство на Генералниот секретар.Радмила Шекеринска за новата функција во НАТО
„Ќе ми биде привилегија да му служам на НАТО како замик-генрален секретар под водство на Генералниот секретар. Посветена сум на заедничка работа со сите Сојузници за што посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска на социјалните мрежи.
Неколку часа откако НАТО го објави назначувањето на Шекеринска, во Брисел Северна Македонија и Европската Унија го потпишаа партнерството за безбедност и одбрана.
Идејата е преку ова партнерство да се овозможи заедничко справување со хибридните закани, унапредување на сајбер безбедноста, борба против тероризмот, спроведување на мисии и операци.
„Ова е уште едно безбедносно партнерство кое го потпишуваме. Се договоривме такво партнерство да потпишеме и со Албанија. Овој тип на партнерство покажува дека ЕУ е повеќе од екомска унија, туку е и политичка унија со одговорности и во делот на безбедноста и одбраната.“, изјави Жозеп Борел, виш преттставник на ЕУ за надворешна и безбедосна политика.
Потпишувањето на партнерството се случи на маргините на Советот на ЕУ за надворешни работи на кој главна тема беше ситуацијата во Украина по 1 000 дена од стартот на руската агресија на кој присуствуваше и првиот човек на НАТО.
„Денеска се одбележуваат 1 000 дена од почетокот на неиспровоцираната руска агресија врз Украина. Денеска ќе зборуваме за тоа како може да и помогнеме на Украина да победи, а тоа значи повеќе помош и повеќе пари, особено откако и севернокорејски војници се вклучени во борбите, а знаеме дека и Кина и помага на Русија, како и Иран.“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Денешната средба на ЕУ и НАТО доаѓа во период на интензивирање на руските напади, особено врз енергетската инфраструктура на Украина, како и одлуката на САД да дозволи употреба на американски проектили врз цели во внатрешноста на Русија.