Линкови за пристапност

Ајрин однесе најмалку 21 човечки живот


Ајрин однесе најмалку 21 човечки живот
Ајрин однесе најмалку 21 човечки живот

Донесе поплави долж источниот брег на САД

Неколку дена по силниот земјотрес, невообичаен за источниот брег на САД, ова густо населено подрачје го погоди Ајрин, најпрвин ураган што спласна во тропска бура онака како што се движеше на север. Невремето во неделата го зафати Њујорк, откако претходно мина низ крајбрежните подрачја на југ. Загинаа најмалку 21 лицe, и покрај масовната евакуација на населението и мобилизацијата на федералните, сојузните и локалните власти.

Ајрин три дена беснееше по источниот брег со силни ветришта и поројни дождови. Иако нема целосно уништени места, причинета е штета на површина од илјадници квадратни километри: поплави, паднати дрвја, уништени домови, прекин на електричната енергија, пресечени патишта.

Жител на Вашингтон, кој ни се претстави само со името – Леонард, преживеал ужасна ноќ со семејството откако огромно дрво паднало врз неговата куќа.

„Не личеше на големо невреме, но одеднаш старите дабови започнаа да паѓаат на куќите. Се уплашив. Имам две деца, едното двеипол години, другото една година“, раскажува Леонард.

Голем број патници не стигнаа каде што планираа поради откажаните летови. Метрото во Њујорк беше затворено по првпат во својата историја поради невреме.

Њујоркчани стоички ја пречекаа Ајрин - меѓу нив и сопственикот на продавница Фарис Алгабон.

„Сите купуваа најнеопходни нешта, но на крајот не испадна ништо. Бевме затворени само за неколку часа. Сега сме отворени и работата продолжува редовно“, вели Алгабон.

„Големото јаболко“ неколку дена се подготвуваше за невремето, а во дел на градот беше извршена задолжителна евакуација. Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг имаше едноставна порака за сограѓаните: „Сите да бидеме подготвени да влеземе внатре и останеме внатре“.

На многу места престои долг период на расчистување и обнова.

„Не знаеме колкава штета е направена, колку дрвја се паднати врз пругите во Њу Џерси“, рече гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи. „Во моментов ги расчистуваме авто-патиштата“.

Од официјален Вашингтон дојде ветување за федерална помош, но и предупредување.

„Опасноста се` уште не минала. Ајрин се` уште е големо и потенцијално опасно невреме. Се` уште постои опасност во местата каде невремето веќе мина“, рече секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано.

Ураган или не, некои настани не беа откажани, како свадбата на Сами Милер во Њујорк. „Ова е премногу важен ден за да го пропуштам“, кажа оваа невеста пред црквата.

А во Вилмингтон, Северна Каролина, Кристен Елиот се породи токму кога удри Ајрин. На свет донесе прекрасна ќерка. „Како да знаев дека ќе се роди токму за невремето“, вели Кристен.

Остатоците на Ајрин треба да се растурат над Канада до понеделник попладне.

XS
SM
MD
LG