Линкови за пристапност

Хил: САД се задоволни од односот на Србија кон Украина и дијалогот со Косово


Скриншот од видеоинтербјуто со американскиот амбасадор во Белград на 6 јуни, 2024 година
Скриншот од видеоинтербјуто со американскиот амбасадор во Белград на 6 јуни, 2024 година

САД се задоволни од политиката на српската влада за дијалог со Косово и соработка со Украина, изјави во интервју за Гласот на Америка американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил, кој престојуваше во Вашингтон.

Тој оцени дека, кога се во прашање изборите во Србија, се` уште има проблеми, но дека локалните избори на 2 јуни поминале подобро од парламентарните избори во декември минатата година.

Хил во интервјуто зборуваше и за проектот на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер во Белград.

Глас на Америка: Неодамна одржаните локални избори во Србија, според ОДИХР, повторно беа забележани со нееднакви услови за учесниците, пристрасно медиумско известување, притисок врз гласачите, купување гласови. Американската амбасада имаше свои набљудувачи - каков е нивниот заклучок и како ги коментирате изборите?

Хил: Тешко е да се донесе заклучок само врз основа на набљудувачите, се обидувате да добиете некој општ впечаток. И тој впечаток е дека има некои проблеми, но генерално - ова беше многу подобар напор отколку во декември. Има бројни реформи и промени кои треба да се спроведат, не само сега, туку и во наредните години, пред следните избори - особено треба да се реши проблемот со пристапот до медиумите. Но, ми се чини дека проблемот со миграцијата на гласачите е решен и мислам дека има напредок. Изборите се секогаш стрес тест за демократијата, се надевам дека луѓето ќе можат да се обединат и да продолжат да работат заедно.

Глас на Америка: САД неколкупати го повикаа Белград да ги спроведе клучните препораки на ОДИХР, но тоа не се случи. Сега повторно го повикавте. Затоа, препораките не беа спроведени, а САД потоа не реагираа. Има мислење дека Америка ја врти главата од проблемите со демократијата во Србија затоа што работи на остварување други интереси?

Хил: Има многу критичари, и секогаш ќе има, но тоа не значи дека се во право. САД работеа многу напорно на спроведување на препораките до јунските избори. Но, како што кажав, тоа се промени и реформи за кои треба време, години. Како, на пример, да се има детален увид во избирачкиот список, без да се наруши правото на заштита на личните податоци. Факт е дека се разговараше за проблемите, мислам дека е здраво и дека помогна што се одржаа средбите на опозицијата и на владејачката партија и мислам дека дел од заслугите треба да ѝ се дадат на претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, која ги зближи луѓето, не беше лесно. Знаете, изборите навистина не го покажуваат најдоброто кај луѓето. Но, тие се обидуваат. Имаше многу проблеми, но повеќе би сакал да разговарам за тоа со учесниците на процесот отколку да зборувам за тоа во медиумите.

Глас на Америка: Новинарот Вук Цвијиќ неодамна беше нападнат на улица. Пред тоа му се закануваа на новинарот Динк Грухоњиќ. Многу гласно реагиравте на заканите кон Грухоњиќ, но не ја видовме вашата реакција во случајот со Вук Цвијиќ? Имајќи предвид дека САД цврсто се залагаат за слободата на медиумите и против нападите врз новинарите, можете ли да ни кажете која е разликата помеѓу овие два случаи?

Хил: Не знам детали за последниот случај, но ве уверувам дека го креваме гласот секогаш кога некој од медиумите е нападнат, кога некому му се закануваат, во современото општество нема место за тоа... Морам да дознаам повеќе за тоа што се случило, и ќе го сторам тоа, но генерално, немаме толеранција за напаѓање на медиумите. (Хил последователно објасни дека на денот кога бил нападнат Вук Цвијиќ, тој патувал од Белград за САД, дека цел ден го поминал на пат и дека не бил свесен дека нападот се случил).

Србија е сигурен партнер на САД

Глас на Америка: Претседателите на Србија и на Република Српска најавија голем национален собир во Белград, а Милорад Додик изјави дека на собирот ќе дојде директно од Русија. Во новата Влада на Србија има двајца членови кои се многу блиски со Русија и кои се под американски санкции, како и Додик. Дали САД ја сметаат Србија за сигурен партнер, земајќи ги предвид таквите блиски врски со Русија, кои се чини дека стануваат се` посилни?

Хил: Кога станува збор за составот на Владата на Србија, веќе кажавме што мислиме. Рековме и дека не формираме туѓи влади. Второ, кога станува збор за тоа со кого Србија има односи, не е наше да им кажеме со кого можат и со кого не можат да разговараат. Но, кога зборуваме за тоа дали Србија може да биде сигурен партнер - да, може. И ние работиме на тоа секој ден.

Глас на Америка: Од друга страна, дали мислите дека Србија доволно ѝ помага на Украина во однос на оружје и муниција? Српските власти јавно не признаа дека тоа се случува, но, вклучително и претседателот Александар Вучиќ, не ја отфрлија можноста.

Хил: Ќе треба да ја прашате српската влада за спецификите, но ќе ви кажам дека сме многу задоволни од растечките форми на соработка меѓу Србија и Украина. Првата дама на Украина беше во Србија, мислам дека е многу важна посета, таму беше и министерот за надворешни работи. Госпоѓата [Тамара] Вучиќ минатата година беше во Украина. Се чини дека односите се значително подобрени и многу ми е драго што го гледам тоа. Нашето мислење, а верувам дека го делат и Србите, е дека не смее да се дозволи руска агресија врз Украина. Тоа е голем проблем за цела Европа, вклучително и за Србија. Мислам дека Србија ја покажа својата позиција, гласаше за резолуциите на ОН и мислам дека зад сцената напорно работи на воспоставување мир и безбедност во Европа.

Глас на Америка: Дали се согласувате со оценката на шефот на српската дипломатија дека нормализацијата не е можна додека Албин Курти е на власт на Косово?

Хил: Мојот став е дека треба да продолжиме да работиме на бриселскиот дијалог, да останеме блиски со Србија во тој процес и тесно да соработуваме со нашите партнери од ЕУ. До одреден степен, работите се фокусираа на тоа како Србија може да се приближи до единствениот европски пазар, ова е од критично значење за иднината на Србија и ние го поддржуваме тоа. А можеби преку таа поблиска соработка со ЕУ да создадеме импулс за решавање на други прашања.

Глас на Америка: Дали американската амбасада имала знаење или учествувала во проектот на Џаред Кушнер [ревитализација на Генералштабот] во Белград?

Хил: Не учествувавме, но секако знаеме за тоа.

Гласот на Америка: Дали знаете сега кога е потпишан договорот или знаевте пред тоа?

Хил: Не знам точно кога дознавме, но не учествувавме во тоа. Знаеме што правите - што слушнавме од медиумите и од други извори. Но, ние не сме вклучени.

Глас на Америка: Следната година ќе навршат три години откако дојдовте во Белград. Дали сте задоволни од постигнатото и кои се вашите планови до крајот на мандатот - ако претпоставиме дека не завршува сега во ноември? (ако има промена на власта во САД)

Хил: Колку долго ќе бидам во Србија не одлучувам јас, туку претседателот. Таа фраза звучи малку чудно, но ние му служиме на претседателот, така што тоа е прашање за претседателот Бајден или кој и да е на таа позиција. И дали сум задоволен - не. Треба да направиме повеќе. Мислам дека Србија е европска земја и правецот во кој се движи е јасен, повеќето луѓе разбираат дека целта е ЕУ. И ние сакаме да го поддржиме тој процес, Србија да биде во подобра позиција. Се разбира, за иднината одлучува народот на Србија, а не странските амбасадори. За мојот настап ќе одлучуваат други луѓе, давам се` што можам и на крајот, кога ќе ги средам сметките - не сакам да се каам што не сум направил нешто.

XS
SM
MD
LG