Линкови за пристапност

Кристофер Хил за Гласот на Америка: Ако мислите дека Русија ќе помогне за Косово - размислете уште еднаш


БЕЛГРАД - Амбасадорот на САД во Србија Кристофер Хил, кој го помина првиот месец во Белград на својата нова должност, во интервју за Гласот на Америка рече дека САД и ЕУ очекуваат Србија да се приклучи на санкциите против Русија, но дека Белград одлучува на крајот за тоа. Сепак, тој не кажа јасно дали тоа ќе биде последица на српско-американските односи доколку Белград остане на сегашната позиција. Хил вели и дека Србија треба да се „преиспита“ доколку верува дека Русија ќе и помогне да го реши косовското прашање. Американскиот амбасадор зборуваше и за тоа дали има очекувања од новата Влада на Србија, а во разговорот откри и за што разговарале сенаторот Крис Марфи и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Глас на Америка: Тројца американски сенатори неодамна ја посетија Србија, како и помошникот државен секретар на САД Карен Донфрид. Сите дојдоа за кратко време, по изборите, и сите имаа порака дека Србија треба да воведе санкции кон Русија поради инвазијата на Украина. Некои велат дека целта била да се зголеми притисокот врз Србија. Како гледате на тоа, која е главната порака до Србија?

Хил: Мислам дека е важно да се разбере дека за време на овие посети се разговараше за многу теми. Првата тема беа односите меѓу Србија и САД и би рекол дека односите се добри, но очекуваме дека можеме повеќе. Секако, една од темите беше ситуацијата во Украина, една од најголемите трагедии во овој век. Затоа, не е чудно што американските претставници презентираа различни аспекти на таа ситуација во комбинација со односот меѓу Србија и ЕУ и фактот дека од перспектива на ЕУ и САД, Србија треба да дејствува како членка на ЕУ и да се приклучи кон санкциите. Јасно е дека тоа е наша политика, а од друга страна Србија треба да донесе одлука за тоа.

Глас на Америка: Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека нејзиниот разговор со Карен Донфрид бил „тежок, конструктивен и коректен“ и дека нејзе и „зуело во главата“ по разговорот. Можете ли да ни кажете што беше толку тешко?

Хил: Не знам што мислите со „тешко“, разговорот беше многу позитивен. Секако дека се разликуваме за одредени прашања, како што се санкциите, а има и други разлики - на пример, колку брзо Србија и Косово можат да напредуваат во дијалогот. Но, има и многу сличности во нашите политики, вклучително и економијата, за која многу се разговараше на средбата со премиерот и претседателот.

Глас на Америка: Зошто е важно за Америка и ЕУ, Србија да воведе санкции кон Русија?

Хил: Морам да кажам дека имаше недоразбирање за извештајот напишан од сенаторот Марфи, каде луѓето некако сфатија дека тие 60 дена, кои беа за едно економско прашање, всушност биле за санкциите - што не е точно. Бев таму и не се работеше за санкциите. (И, претседателот на Србија негираше дека се зборувало за санкции) Но, САД и порачуваат на Србија дека не е прашање дали одите на исток или на запад, туку има само еден правец и тоа е до Србија. да се одлучи колку брзо може да стигне таму. Русија тешко може да биде земја за пример, таа не е земја што би ја сакале за пријател или сојузник. И, мислам дека станува се појасно што треба да направат земјите. Конечно, тие земји треба да одлучат и никој никого не притиска, луѓето во Србија треба да одлучат во која насока сакаат да одат.

Глас на Америка: Ќе има ли некакви последици за односите меѓу Србија и Америка доколку не се воведат санкции кон Русија?

Хил: Тоа е хипотетичко прашање. Она што би сакале е да ги продлабочиме односите со Србија. Знаеме колку Србија е важна во регионот и Европа и би сакале да имаме подобри односи. САД сега имаат подобри односи со ЕУ поради оваа страшна војна во Украина. Разговараме со Србија за тоа што можеме заедно да направиме за да ја завршиме оваа војна. Не би сакал да навлегувам во тоа, не зборуваме за последиците. Суштината е дека би сакале подобри односи, можност да најдеме заеднички интереси.

Глас на Америка: Некои експерти велат дека косовското прашање е главен извор на руско влијание во Србија, а српските власти често велат дека Русија ги штити интересите на Србија во Советот за безбедност на ОН. Дали Америка има противтежа за тоа?

Хил: Не видов ништо што укажува на тоа дека Русија штити некого освен господинот (Владимир) Путин. И, јас би бил многу внимателен со аргументите дека Србија има корист од потезите на Русија. Ја разбирам динамиката во Советот за безбедност на ОН, ја разбирам суштината. Но, Србија треба да одлучи какви односи ќе има со соседите и како ќе пристапи кон тоа. Нашиот став е дека Србија треба да го поддржи дијалогот со посредство на ЕУ. Не мислам дека Србија треба да гледа на Русија во корелација со Косово, или обратно, туку секоја ситуација да ја гледа посебно. Русија толку се оддалечи од она што ние го нарекуваме меѓународно достоинство, толку далеку од западните вредности, па ако мислите дека Русија некако ќе помогне со Косово - треба повторно да размислите за тоа.

Глас на Америка: Дали верувате дека ќе продолжи дијалогот меѓу Србија и Косово, кој веќе некое време мирува? И кога?

Хил: Косово и Србија ќе одлучат за тоа. Знам дека ЕУ многу напорно се труди да стави различни идеи на маса, теми за кои се разговара, да го одржи моментумот. Не е многу забавно да се биде посредник, тоа го правев во минатото. Преговорите се многу тешки и знам дека ЕУ прави најдобро што може и Србија и Косово треба да го почитуваат тоа. Овие прашања не се лесни, да беа, одамна ќе беа решени. Треба да ги разбереме тешкотиите, но не да бидеме заложници на тоа, туку да видиме каде би сакале да одиме. Дали сакаме да останеме заглавени во ова време или сакаме подобар живот за луѓето во Србија. Но, американските дипломати не треба да им кажуваат на Србите што да прават.

Глас на Америка: Како го коментирате тоа што Србија купува оружје од Русија и Кина?

Хил: САД имаат став за тоа - Србија треба долгорочно да размислува за безбедносната структура. Заедничките безбедносни структури се најдобри. Мислам дека е многу тешко во 21-ви век да се купи малку опрема од едната, малку од другата страна, а вие верувате дека тоа им служи на вашите безбедносни интереси. Конечно, знам дека Србите не се согласуваат со ова, но конечно најдобро е Србија да биде во НАТО. Ќе треба време, многу добро ја познавам историјата. Историчарите гледаат назад, дипломатите гледаат напред. Верувам дека Србија ќе сфати дека заедничката одбрана е најдоброто решение.

Глас на Америка: Оваа година меѓународната организација Фридом Хаус изјави дека Србија не е демократски, туку хибриден режим, дека медиумските слободи се загрозени, а корупцијата е широко распространета. Дали се согласувате со овие наоди?

Хил: Тоа се сложени прашања за внатрешната ситуација овде и што се прави во однос на медиумските слободи. Во САД многу ја цениме слободата на медиумите, фактот дека има различни мислења за се. Мислам дека тоа е многу важно за демократијата и со задоволство ќе му го претставам нашиот пример на српскиот народ. Верувам дека Србија ќе сфати дека слободните медиуми се дел од демократијата и дека демократијата е патот до подобра економска состојба. Демократијата подразбира плурализам на мислење и сметам дека Србија треба да се залага за тоа. Но, јас сум странски дипломат што ве посетувам, Србите треба да одлучат за тоа. Нема да навлегувам во тоа дали се согласувам со наодите на одредени организации. Имам лично мислење за тоа, но не би сакал да го искажам.

Глас на Америка: Имате ли очекувања од новата Влада на Србија?

Хил: Би сакал да видам како ќе биде. Ни требаат неколку месеци во Америка за да формираме влада. Нов сум овде и подготвен сум за мојата задача да работам со новата Влада на Србија и да видам каде оди владата. Да сум граѓанин на оваа држава, а не сум, би бил многу љубопитен да видам во кој правец ќе оди. Многу важна работа се случи на 24-ти февруари, кога Русија започна инвазија на соседната земја. Навистина не ми е јасно како некој може да биде поддржувач на Русија или да зборува во корист на Русија. Се надевам дека новата влада ќе заземе одредена насока, но тоа е на луѓето кои ја формираат владата. Со нетрпение очекувам да видам како ќе биде.

Глас на Америка: Дали оваа насока значи помала соработка со Русија?

Хил: Не би рекол соработка, повеќе би рекол помалку верба во Русија. Идејата е Русија да ги реши српските проблеми на Косово или на друго место, па само погледнете ја ситуацијата во Украина и кажете ми дека е валиден предлогот Србија да се потпре на Русија.

XS
SM
MD
LG