Линкови за пристапност

Кристофер Хил: Да се врати вниманието на ситуацијата на Балканот


Интервју: Кристофер Хил
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Поранешниот амбасадор во Македонија во интервју за Гласот на Америка на македонски говори за ситуацијата на Крим и дали истата ќе влијае на НАТО да го забрза процесот на проширување.

Кристофер Хил е декан на Школата за меѓународни студии Џозеф Корбел на Универзитетот во Денвер. За време на дипломатската кариера, бил помошник-државен секретар за источноазиски и пацифички прашања и амбасадор во Ирак, Јужна Кореја, Полска и Македонија.

Кога Русија, која беше против се` во однос на Косово, сега вели дека Крим треба да оди по примерот на Косово, тоа го заслужува прашањето - тогаш зошто не го призна Косово и се` во врска со него? Тоа е изговор. Тие донесоа одлука, но не беше базирана на Косово.
Во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, Хил коментира на споредбите Косово-Крим, дали ситуацијата на Крим е предзнак за нова Студена војна и дали НАТО сега треба да забрза со проширувањето.

Глас на Америка на македонски: Во дебатата за ситуацијата на Крим, во медиумите се појавија паралели дека како што Косово се отцепи од Србија, така и Крим има право на самоопределување. Каков е Вашиот став, со оглед дека на времето бевте директно вклучен во случувањата на Косово?

Кристофер Хил: Пред се`, би бил многу внимателен кога станува збор за идејата да се повлекуваат историски паралели. На крајот на краиштата, во Косово веќе се случи акција на НАТО и имаше странски сили со години, имаше избори под странски надзор. Кога Русија, која беше против се` во однос на Косово, сега вели дека Крим треба да оди по примерот на Косово, тоа го заслужува прашањето - тогаш зошто не го призна Косово и се` во врска со него? Тоа е изговор. Тие донесоа одлука, но не беше базирана на Косово.

Чеченија е добар пример каде ќе биде тешко за Русија да каже дека не може да има референдум за тоа каква ќе биде иднината. Русија навистина самата се стави во една ситуација.
Глас на Америка на македонски: Друг аспект на дебатата е дека кримскиот референдум дава мошне опасен пример и дека е само почеток на процес во кој и други области би можеле да станат дел од Русија. Загриженоста е евидентна со посетата на американскиот потретседател Џо Бајден на Европа, каде ја реафирмираше поддршката за сојузниците во Источна Европа. Дали ова е предзнак за нова Студена војна?

Кристофер Хил: Без оглед дали е предзнак за нова Студена војна или не, фактот е дека една земја грабна дел од соседот. Тоа, посекако, е злокобен развој на настаните и меѓународната заедница треба да биде будна. Во однос на Полска, во 1939-та, кога и Германија и Русија извршија инвазија, земјата имаше договор со Британија и Франција дека доколку Германија изврши инвазија, Британија и Франција веднаш да и` објават војна. Тие го сторија тоа, но не испратија сили, не ја нападнаа Германија, не сторија нешто што ќе го смени исходот на ситуацијата. Така, мислам дека е мошне важно што потпретседателот Бајден појде во овие земји и даде уверување дека НАТО ќе им значи многу повеќе отколку она што се случи во 1939-та. За се` има историја.

Претседателот Обама исправно постапи што не реагираше веднаш со нешто како санкции, затоа што тоа нема да го смени руското однесување. Искрено речено, само ќе ги охрабри да го сторат истото против нас. Во овој момент, не мислам дека претседателот имаше избор, мораше да воведе санкции, но како што знаеме од балканските денови, понекогаш тоа е меч со две острици.
Глас на Америка на македонски: Каков го коментирате ставот дека руската политика за Крим е опасна по Москва, бидејќи немирните региони во Русија, како Чеченија, можеби ќе се обидат да се отцепат од Русија?

Кристофер Хил: Мислам дека има извесна вистина во тоа, апсолутно. Истото прави нешто и во Украина, многу проруски гласови ќе излезат од Украина, а резултатот од кој Русија највеќе стравуваше, дека Украина се ориентира кон Запад, најверојатно и ќе се случи како последица на оваа инвазија. Има многу места, а Чеченија е добар пример, каде ќе биде тешко за Русија да каже дека не може да има референдум за тоа каква ќе биде иднината. Русија навистина самата се стави во една ситуација. А, покрај тоа, руската економија деновиве е слаба. Па сепак, рускиот државен врв навидум сака да потпалува национализам и тоа наголемо се случува во земјата денес.

Глас на Америка на македонски: Бајден, наводно, разговарал за начините како сојузниците од Источна Европа да ја намалат енергетската зависност од Русија. Колку е важен овој дел од мозаикот?

Бездруго, ситуцијата на Крим ја зголеми напнатоста Исток-Запад. Тешко е да се каже дали ова е повторно создавање на Студената војна, но посекако мислам дека треба да се посвети поголемо внимание на источното крило на НАТО, а особено треба да се врати вниманието на ситуацијата на Балканот. Отсекогаш сум верувал дека Македонија, која се однесува како НАТО-земја, треба и да биде прифатена како таква.
Кристофер Хил: Мислам дека руската енергија е важен дел од мозаикот, уште од доцните 1970-ти, кога започнаа да градат гасоводи и кога европските земји - не само оние во источниот дел, туку и оние во западниот - започнаа да стануваат позависни од руските јаглеводороди. Мислам дека ситуацијата има ограничувачко влијание врз она што овие земји може да го сторат во однос на политиката. Што може потпретседателот (Бајден, н.з.) да стори за ова, тешко е да се каже. Знаете, ова вообичаено се мегапроекти. Знам дека Полска работеше на тоа да утврди што може да се стори во Балтичкото Море, во смисла на разновидни гасоводи, но тие навистина треба да имаат сериозна економска корист за вклучените земји. Русија го употребува ова за да врши политички притисок врз земјите, но токму поради тоа, мислам дека многу од нив ќе бараат енергетска разновидност, без оглед колку би чинело истото.

Глас на Америка на македонски: Политичките противници на претседателот Барак Обама го напаѓаат за задоцнет и млак одговор на ситуацијата. Што, според Ваше мислење, можеше подобро да стори?

Кристофер Хил: Не сум сигурен дека имаше нешто што можеше да стори за да ја запре ситуацијата. Искрено кажано, аргументот дека Обама, на некој начин, бил неенергичен во однос на Сирија и дека тоа причинило Путин да го земе Крим, е нереален. Мислам дека во вакви услови се активира внатрешната американска политика и секогаш се поставува прашањето кој бил енергичен, а кој не. Критиката кон претседателот Обама во оваа криза и многу други е дека, на некој начин, не е доволно енергичен. Не гледам јасна алтернатива. Претседателот Обама исправно постапи што не реагираше веднаш со нешто како санкции, затоа што тоа нема да го смени руското однесување. Искрено речено, само ќе ги охрабри да го сторат истото против нас. Во овој момент, не мислам дека претседателот имаше избор, мораше да воведе санкции, но како што знаеме од балканските денови, понекогаш тоа е меч со две острици.

Глас на Америка на македонски: Дали ова ќе влијае на НАТО да забрза со процесот на проширување? Во февруари, повикувајќи се на ситуацијата во Украина, 40 конгресмени испратија писмо до државниот секретар Џон Кери, барајќи да го поддржи членството на Македонија и Црна Гора уште на самитот оваа година...

Кристофер Хил: Бездруго, ситуцијата на Крим ја зголеми напнатоста Исток-Запад. Тешко е да се каже дали ова е повторно создавање на Студената војна, но посекако мислам дека треба да се посвети поголемо внимание на источното крило на НАТО, а особено треба да се врати вниманието на ситуацијата на Балканот. Отсекогаш сум верувал дека Македонија, која се однесува како НАТО-земја, треба и да биде прифатена како таква. Искрено, би пошол и поддалеку. Не се работи само за НАТО. Се работи за поширокиот однос што го имаме со овие земји. На пример, мислам дека она што вие во Гласот на Америка го правите е исто така многу важно, да допирате до овие земји, да го давате нашето гледиште, гледиштето на САД и другите, земјите на ЕУ во врска со Русија. Очигедно, Русите ќе го прават истото во овие земји што се` уште не се примени во НАТО. Така, мислам дека е мошне важно да продолжиме со оваа јавна дипломатија, да обезбедиме дека брановите се отворени. Знаете, едно од првите нешта што Русите ги сторија на Крим беше да ги исклучат сите украински радио и ТВ-станици. Така, мислам дека она што Гласот на Америка го прави на Балканот, особено сега, можеби повеќе од кога и да е порано, треба да продолжи.
XS
SM
MD
LG