Продолжува невообичаената расправија меѓу САД и Косово откако премиерот на цврстиот сојузник на САД, Албин Курти се спротивстави на повиците да се преземат чекори за кои Западот вели дека се неопходни за деескалација на етничките тензии на северот на земјата.
Тензиите се разгореа минатата недела кога градоначалниците на етничките Албанци влегоа во општинските згради со поддршка на полицијата, и покрај тоа што победија со само 3,5 отсто од гласовите на локалните избори кои беа бојкотирани од етничките Срби.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак оваа недела ги посетија Косово и Србија каде побараа од лидерите на двете земји да одржат брзи нови избори во северно Косово и да го продолжат дијалогот.
Не е јасно дали ќе успеат да ги убедат двете страни. Ескобар го нарече Курти нефлексибилен и некооперативен, а Курти се пожали дека Вашингтон и Брисел се пристрасни во корист на Србија.
Она што е во прашање е договорот меѓу Косово и Србија со цел нормализирање на односите, но досега не се преземени конкретни чекори.
Вчера, американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил во интервју за српската редакција на Гласот на Америка, рече дека Вашингтон има проблем со Курти. „Тој не е подготвен да се усогласи и мислам дека имаме некои многу суштински прашања со него за тоа дали можеме да сметаме на него како партнер“, рече тој.
Курти возврати, жалејќи се во интервју за Асошиетед прес на пристрасност кон неговата земја од САД и Европската унија и толеранција на, како што го нарекува, авторитарен режим на Србија. „Доброто однесување со автократ не го прави да се однесува подобро. Напротив“, изјави тој за АП.
Амбасадорот Хил го потврди ставот што го споделуваат деновиве многумина кои го следеа Западен Балкан и ангажманот на САД со Косово. „Мислам дека никогаш не сум видел толку длабока поделба во моментов меѓу Приштина и Вашингтон“, рече тој.
Придонес за овој извештај имаат Кејда Костреци, Јована Ѓуровиќ и Ивана Константиновиќ од Гласот на Америка, додека некои информации за овој извештај се преземени од Асошиетед прес.