Линкови за пристапност

Хил за Гласот на Америка: Се разговара за стратешкото партнерство меѓу САД и Србија


БЕЛГРАД - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил во интервју за Гласот на Америка изјави дека се разговара за потенцијално стратешко партнерство меѓу двете земји и дека таков договор е можен во иднина.

Во контекст на војната во Украина и одбивањето на Србија да воведе санкции кон Русија, американскиот дипломат вели дека постои разбирање за зависноста на Белград од руските енергетски извори, но дека „не е добро Србија да седи на оградата меѓу доброто. и злото“. Хил негираше дека има конкретни рокови кои САД ги поставуваат за решавање на косовското прашање, но вели дека се надева на брзо напредок и дека Америка го поддржува француско-германскиот предлог.

Хил, кој ја презеде функцијата на 31 март годинава, исто така вели дека еден од неговите впечатоци за Србија е дека таа е „комплицирана земја“.

Глас на Америка: Американскиот државен секретар Антони Блинкен и српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна разговараа по телефон и издадоа две различни изјави за тој разговор, но заедничка тема беше Косово. Претседателот Вучиќ најави дека секретарот Блинкен ја нагласил потребата да се постигне решение што е можно поскоро. Има ли нов рок што го даваат САД за да се реши ова прашање?

Хил: Не знам за конкретни рокови, но се добива впечаток дека дијалогот трае многу долго и треба да заживее. Во оваа смисла, задоволни сме што гледаме ангажман на европски претставници на високо ниво, советниците за национална безбедност на Франција и Германија дојдоа во регионот, ова е многу важно. И, мислам дека секретарот Блинкен сакаше да ја нагласи нашата желба да го придвижиме ова прашање напред. Има многу работи на кои сакаме да работиме со Србија и сакаме косовското прашање да се реши во некоја форма.

Глас на Америка: Во врска со тој предлог, неодамна кажавте дека е добро што се вклучени високи претставници и дека се надевате дека брзо ќе се дојде до решение. Но, како е тоа возможно ако предлогот предвидува Косово да стане членка на ОН без признавање на Белград, а Србија да добие забрзан пат кон ЕУ, а претседателот Вучиќ многупати кажа дека признавањето на Косово и членството во ОН се неприфатливи?

Хил: Не би сакал да зборувам за спецификите, тоа зависи од Европејците. Но, можам да кажам дека Европејците сакаат оваа работа да се помести. Очигледно, ова се тешки прашања, но важно е двете страни да разберат дека во Европа се случуваат други работи, на пример Украина, и време е за напредок по тоа прашање. Мислам дека и претседателот Вучиќ и премиерот Курти се согласуваат да го разгледаат тој предлог и да видиме што може да се направи... Мислам дека претседателот Вучиќ во неколку наврати кажа дека е потребно двете страни да добијат нешто и да дадат нешто, т.е. правилен пристап и треба да видиме дали може да се најде такво решение.

Глас на Америка: Во однос на воведувањето санкции против Русија, има ли црвена линија што Србија може да ја премине во одбивањето да воведе санкции? Дали Србија може да ја изгуби политичката, економската или друга поддршка од САД ако не го стори тоа?

Хил: Мислам дека луѓето ја разбираат сложеноста на проблемот и дека Србија е зависна од Русија за енергија, но многу земји страдаат поради воведувањето санкции, има и многу мали земји во ЕУ кои воведоа санкции, не е лесно и за нив, но знаат дека тоа е вистинската работа. Мислам дека Србија треба внимателно да го разгледа ова прашање, ставот на мојата влада е Србија да се приклучи на овие санкции. Но за тоа треба да решат српските лидери. Тоа што се случува во Украина е тотално неприфатливо. И мислам дека не е добро да се седи на оградата помеѓу она што е, во суштина, доброто и злото. Се надевам дека луѓето во Србија ќе го сватат тоа.

Глас на Америка: Спомнавте енергетска зависност од Русија. Неодамна изјавивте дека, според вас, Србија разбира дека треба да се оддалечи од Русија на енергетски план. Но, дали изгледа поинаку во реалноста?

Хил: Мислам дека не е поинаку во реалноста, Србија активно бара други извори за снабдување со гас, обновливи извори на енергија, тие гледаат како да работат повеќе на хидроенергијата, сето тоа е обид да се биде независен од многу несигурен добавувач. Русија дава гас по одредена цена, потоа задржуваат дополнителен гас, потоа зборуваат за цената, па се меша политиката, тие се тотално несигурни добавувачи и колку побрзо Србија се оддалечи од Русија - толку подобро и за народот на Србија.

Глас на Америка: Рековте дека има проекти за енергетска диверзификација каде САД ќе и помагаат на Србија, може ли да ни кажете повеќе за тие проекти?

Хил: Работиме на многу работи, не сакам да зборувам за комерцијални интереси, но гледаме да направиме нешто поврзано со Дунав, енергијата од ветерот, сончевата енергија, други извори на природен гас што би можеле да се поврзат со САД. Течниот природен гас нема да ги задоволи сите европски потреби, но очекуваме со текот на времето и Србија да биде корисник на тој гас. Ќе видиме што може да се направи. Многу сум заинтересиран да работам со Србија и да развијам партнерство во енергетиката, за да и овозможам да има избор.

XS
SM
MD
LG