Линкови за пристапност

Еврото ја губи силата наспроти доларот


Еврото ја губи силата наспроти доларот
Еврото ја губи силата наспроти доларот

Еврото изгуби 5,1 процент во однос на доларот во текот на последниот месец. Економските податоци за ситуацијата во евро-зоната од петокот уште повеќа ја еродираа неговата вредност, сигнализирајќи слаби изгледи за просперитет на економијата во 2012.

Со 13 години, еврото е одвај тинејџер, но до сега имаше многу бурен живот.

На создавањето, Германија, најголемата економија во зоната, се` уште ги исплаќаше големите трошоци од инкорпорирањето на Источна Германија и имаше загриженост дали еден таков амбициозен проект може да функционира.

И покрај загриженоста, еврото набрзо се изедначи со доларот еден спрема еден. Потоа го помина. Дури и по финансиската криза во 2007 и рецесијата кусо време потоа, ја задржа вредноста.

Но сега втората рецесија во еврозоната се враќа и пазарите се свртеа против него. Во петок падна на 16-месечно најниско ниво во однос на доларот.

Џереми Стреч е стратег за валутата кој работи во канадската банка ЦИБЦ со седиште во Лондон, објаснува дека слабостите идентификувани од аналитичарите пред неколку години, сега конечно излегуваат на површина:

„Мислам дека овие слабости главно беа маскирани од процесот на поширок економски растеж и сега, во овие тешки времиња се покажуваат тие структурни слабости на процесот дизајниран од политичари“.

Но приказната може да не биде само за слабоста на еврото, туку и јачината на доларот. Американската економска статистика беше депресирана до есента 2011 – со висока невработеност, голем и растечки долг на владата и секторот за домување што допрва треба да се опорави.

Но сега има знаци на подобрување.

Во петокот се појави извештај за намалување на невработеноста на 8,5 отсто, а само пред две години беше 10,1 процент. За разлика од еврозоната, за САД нема предвидувања дека ќе влезе во втора рецесија во 2012-та.

Се чини дека сите лоши знаци се на страната на еврозоната: Грција може да не биде во состојба да ги отплаќа долговите, Франција може да го изгуби супериорниот кредитен рејтинг, а некои од најголемите банки може да бидат во очајничка потреба од помош. Кога еврото ќе влезе во својата 14-та година, кој знае каде ќе му биде вредноста.

XS
SM
MD
LG