Линкови за пристапност

Продолжува приземјувањето на авионите на Боинг


По несреќата во Етиопија се повеќе држави се приклучуваат на листата на оние кои решија да ги суспендираат летовите на моделот 737 Макс 8

Франција, Британија, Германија, Малезија и Оман се најновите држави кои ги повлекоа патничките авиони на Боинг од моделот 737 Макс 8 од нивните летови. Тие се приклучија на неколку други држави кои веќе воведоа мерки на претпазливост по вториот пад на патнички авион од овој модел во последните пет месеци.

Авиокомпании од Кина, Турција, Индонезија, Бразил, Мексико, Австралија, Сингапур, Јужна Кореја и Норвешка исто така одлучија да ги приземјат авионите од нивните флоти. А на тој чекор се Агенцијата за безбедност во воздушниот сообраќај на Европската унија.

Ова уследи по трагичната несреќа во неделата на летот на Етиопијан ерлајнс при што загинаа сите 157 патници и членови на екипажот.

Властите соопштија дека суспензијата е привремена, и ќе трае додека се заврши истрагата за трагедијата.

Патничкиот авион кој се урна во Јаванското Море во октомври на само неколку минути по полетувањето од Џакарта, при што загинаа 189 лица беше од истиот модел како оној на Етиопијан ерлајнс.

Истражителите во Етиопија ја пронашле црната кутија и се надеваат дека тоа ќе им помогне да ги откријат причините за падот на авионот.

Индонезиските истражители објавија дека црната кутија од урнатиот авион над Јаванското море покажала дека автоматскиот безбедносен систем го насочил авионот на слетување и покрај очајните обиди на пилотите да ја задржат контролата.

Сепак, од компанијата Боинг велат дека нема причина за поправка на авионите и не планираат да издадат нови насоки за корисниците.

Експерти од САД, Израел, Обединетите Арапски Емирати и Кенија им се придружија на останатите држави во истрагата предводена од Етиопија.

Федералната администрација за воздухопловство на САД соопшти дека Боинг наскоро треба да ги заврши надградбите на автоматизираниот систем за кој постои сомневање дека придонел за октомвриска несреќа во Јаванското Море.

Претседателот на САД, Доналд Трамп преку Твитер се осврна на несреќата велејќи дека новите авиони стануваат се` посложени за управување.

Боинг досега продал околу 350 авиони од моделот Боинг 737 Макс 8, а има нарачка од повеќе од 5.000 авиони.

Во меѓувреме им беше оддадена почит на жртвите од несреќата во Етиопија кои потекнуваа од најмалку 35 држави, вклучувајќи и 22 членови од персоналот на ОН кои требало да присуствуваат на конференција во Најроби.

Вчера собирот во Најроби и отворањето на состанокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк започнаа во знак на оддавање на почит на загинатите.

„Ова е глобална трагедија и Обединетите нации се обединети во тагата. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на сите жртви, до владата и луѓето од Етиопија, и сите погодени од оваа катастрофа“, рече генералниот секретар Антонио Гутереш во Њујорк.

Почит за жртвите беше искажана во Женева и во Стејт департментот во Вашингтон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG