Акциите на авионскиот гигант Боинг денеска брзо по отворањето на берзата паднаа за речиси 12 отсто. Падот на акциите следи еден ден по авионската несреќа во која се сруши авион на Етиопиан ерлајнс, при што загинаа сите 157 лица во авионот.
Авиокомпаниите во Кина, Индонезија и Етиопија ги приземјиа сите авиони од типот „Боинг 737 МАХ 8“ откако авион од тој модел се сруши во неделата на пат за Најроби.
Авионот „Боинг 737 МАХ 8“ е истиот модел на авион кој имаше авионска несреќа во октомври. Авионот полета од Џакарта и се сруши во Јаванското море неколку минути по полетувањето, при што загинаа сите 189 лица на летот.
Боинг, вчера кратко по несреќата, излезе со соопштение во кое изрази длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите.
„Технички тимови на Боинг ќе се упатат на местото на несреќата со цел да обезбедат техничка помош под раководство на Бирото за истраги на несреќи на Етиопија и Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД“, стои во соопштението.
Од Боинг јавно не ја коментираа загриженоста поради моделот 737 МАХ 8, ниту пак приземјувањето на нивните авиони во три држави.
Facebook Forum