Линкови за пристапност

Дијалог Србија – Косово: Неисполнувањето на согласноста за договор ќе има негативни последици за двете страни


Борел беше категоричен дека согласноста за начинот на спроведување на договорот за стабилизација на односите ќе биде формална обврска за Србија и за Косово за нивниот пат кон ЕУ
Борел беше категоричен дека согласноста за начинот на спроведување на договорот за стабилизација на односите ќе биде формална обврска за Србија и за Косово за нивниот пат кон ЕУ

САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот, рече специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Маратонската средба во Охрид, која траеше цели 12 часа, помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, донесе напредок во преговорите помеѓу двете страни.

Белград и Приштина се согласија, да го имплементираат Договорот постигнат на 27 февруари во Брисел, односно дадоа зелено светло за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон меѓусебна нормализација на односите.

Разговорите зад затворени врати се одвиваа со посредство на високиот претставник, на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Тие најпрво имаа одделни средби со лидерите, а потоа на заедничка средба ги договорија идните чекори.

„Имплементацијата на Договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како. Денеска имавме средби во неколку формати со цел да ги надминеме разликите помеѓу страните. Со цел да се имплементира членот 7 од Договорот, Косово се обврза веднаш да почне преговори во рамките на дијалогот на ЕУ за воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа за српската заедница на Косово“, рече Борел.

Жозеп Борел
Жозеп Борел
Дијалогот не е само прашање за Косово и Србија, туку за стабилноста, безбедноста и напредокот на целиот регион
Жозеп Борел

Она што било прифатено од двете страни ќе стане интегрален дел и ќе биде формална обврска на нивниот пат кон ЕУ, додека неисполнувањето на истото ќе има негативни последици. Борел рече дека и во Охрид, страните не успеале да ги надминати некои од веќе познатите разлики и од претходно.

„Дијалогот не е само прашање за Косово и Србија, туку за стабилноста, безбедноста и напредокот на целиот регион. На овој дијалог треба да се гледа преку поширок геополитички контекст, кaко важна алатка за одржување на стабилноста на Западниот Балкан. Морам да нагласам дека за отворањето на патот кон стратешката цел за членство во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, нема заобиколен пат. А, анкесот на овој Договор е важен чекор за тој пат да стане реалност“, додаде Борел.

Габриел Ескобар
Габриел Ескобар
САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот
Габриел Ескобар

Задоволство од договореното истакна и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар. Според него Белград и Приштина, постигнале тежок но неопходен Договор, кој ги отвара вратите на целиот регион на нова ера на мир и стабилност.

„Можам да ви кажам дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот. Ќе сториме сè што е во наша моќ за да ја поддржиме имплементацијата, и на политички, и на економски и на секој друг начин, за да направиме мирот на Балканот да биде реалност“, истакна Ескобар.

Александар Вучиќ, претседател на Србија
Александар Вучиќ, претседател на Србија

Српскиот претседател Вучиќ, пак, рече дека во Охрид бил постигнат некаков договор и оти бил задоволен поради тоа.

За нас е од големо значење тоа што како приоритетна обврска е ставена формирање на Заедница на српски општини и тоа во согласност со претходно постигнатите договори во рамките на дијалогот
Александар Вучиќ, претседател на Србија

„Она што е важно да се каже е дека овие неколку точки што ги договоривме ќе постанат дел од преговарачката рамка за двете страни. Она што се договоривме е и дека Европската Унија на патот кон процесот кој е долг и озбилен, ќе проценува кој и колку сработил од имплементацискиот план, кој сигурно дека ќе мора да биде проширен. За нас е од големо значење тоа што како приоритетна обврска е ставена формирање на Заедница на српски општини и тоа во согласност со претходно постигнатите договори во рамките на дијалогот. Се зборуваше и за исчезнатите лица. И денес не потпишав ништо. И двајцата на различни начини ставивме до знаење, кои се нивните, а кои се нашите црвени линии, но мислам дека направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера“, рече Вучиќ.

Албин Курти, премиер на Косово
Албин Курти, премиер на Косово

Косовскиот премиер Курти, пак, го обвини Вучиќ, дека бегал од ставање потпис на она што било договорено.

Другата страна, исто како и на последната средба на 27 февруари, избегнува да го потпише Договорот сега со анекс
Албин Курти, премиер на Косово

„Дојдовме во Охрид да го потпишеме основниот договор со извршната претставка. Постигнавме јавен договор за анекс кој ќе го води спроведувањето на основниот Договор. Другата страна, исто како и на последната средба на 27 февруари, избегнува да го потпише Договорот сега со анекс. Останува на Европската унија да најде начин, статусот на овој договор да го направи правно и меѓународно обврзувачки. Што се однесува до анексот за имплементација, тој ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ и таму ќе разберете што има и што нема“, рече Курти.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, ја поздрави согласноста за имплементација на Договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија

Ковачевски: На Србија и Косово им честитам за храброста и визионерството
Ковачевски: На Србија и Косово им честитам за храброста и визионерството

„Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес на целиот Западен Балкан кон ЕУ. Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за нивната храброст и визионерство“, рече Ковачевски.

Разговорите помеѓу двајцата лидери со посредство на европските дипломати се водеа на 500 метри од овде, во вилата „Билјана“ на премиерот, каде во 2001 година, се одвиваа преговорите, со кои беше ставен крај на вoениот конфликт во Северна Македонија, со потпишување на Охридскиот рамковен договор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG