По повеќе од дванаесет часа во Охрид, зад затворени врати, лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ, во Охрид постигнаа договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари во Брисел.
„Двете страни се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив“.
Ова по маратонската средба го изјави високиот претставник, на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, кој заедно со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, најпрво преку одвоени средби, а потоа и на заедничка средба ги договорија идните чекори.
„Имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како. Денеска имавме средби во неколку формати со цел да ги надминеме разликите помеѓу страните, рече Борел.
Косовската страна, како што соопшти Борел, се согласила со посредство на ЕУ неодложно да отпочне дијалог за воспоставување специјален договор со кој ќе се гарантираа самоуправа на српските заедници во Косово.
Средбата почна утрово околу 10 часот со билатерални средби кои завршија околу пладне. Потоа следеше трилатералната средба, на која Вучиќ и Курти седнаа на иста маса и со посредство на Борел и со асистенција Лајчак, го почнаа маратонскиот разговор.
Вилата „Билјана“ во Охрид, нејзината околина, како и дел од Охридското Езеро беа под строга полициска контрола.
Facebook Forum