Линкови за пристапност

Дезинформациите се поголема закана за изборите во светот од кога било, кажа Блинкен


Во својот говор во Сеул, Блинкен, исто така, истакна дека владите треба да ја поддржуваат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите
Во својот говор во Сеул, Блинкен, исто така, истакна дека владите треба да ја поддржуваат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вели дека во година кога повеќе од половина свет ќе одржува избори, новите технологии, вклучувајќи ги социјалните медиуми и вештачката интелигенција, ги направиле дезинформациите поголема закана од кога било.

Говорејќи на третиот Самит за демократија во Сеул, Блинкен додаде дека иако тие технологии драматично ја забрзале и онака брзо менувачката информациска средина, тие исто така „создадоа забрзувач за дезинформации, поттикнувајќи поларизација, додавајќи на општото чувство на конфузија што луѓето го имаат за светот околу нив“.

Блинкен рече дека за време на пандемијата на ковид-19, дезинформациите обесхрабриле милиони да се вакцинираат, „понекогаш со фатални резултати“.

Климатските промени, рече тој, биле уште еден пример каде дезинформациите помогнале да се одложи акцијата за кризата.

Со бројот на избори што се одржуваат на глобално ниво, Блинкен ја нарече 2024 година „вонредна изборна година во земја по земја - но предупреди дека граѓаните и кандидатите ќе се соочат со „поплава од невистини што задушуваат сериозна граѓанска дебата“.

Тој рече дека противниците на демократијата користат дезинформации за да ги искористат разликите во демократските земји со сеење цинизам и нестабилност.

„Дискредитација на нашите институции“, рече Блинкен.

Државниот секретар укажа на извештајот на Стејт департментот од 2023 година во кој се вели дека Кина потрошила милијарди долари за ширење пропаганда и сузбивање на западните вести.

Тој рече дека Русија користела слични тактики, „перејќи“ руски медиумски содржини преку латиноамериканските канали за да ја поткопа глобалната поддршка за Украина.

„Со откривање и објавување на овие операции на влијание, им овозможивме на другите влади, медиумите, граѓанското општество да ги следат и да ги спречат“, рече Блинкен.

Од своја страна, рече тој, САД се обидуваат да ја искористат дипломатијата за да промовираат заеднички принципи и да ги усогласат сојузниците за да се спротивстават на медиумските манипулации од странски противници.

Во својот говор, Блинкен, исто така, истакна дека владите треба да ја поддржуваат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Самитот за демократија, започнат од САД во 2021 година, има за цел да ги промовира демократските вредности и да покаже како демократиите подобро им служат на нивниот народ.

Според соопштението на веб-страницата на Стејт департментот на САД, повеќе од 70 нации ја поддржале Декларацијата за демократија на самитот.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG