Линкови за пристапност

САД и Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка во борбата против дезинформации


Меморандумот за разбирање бил потпишан по вчерашната средба на Ковачевски со државниот секретар на САД Ентони Блинкен, соопшти Стејт департментот
Меморандумот за разбирање бил потпишан по вчерашната средба на Ковачевски со државниот секретар на САД Ентони Блинкен, соопшти Стејт департментот

Премиерот Димитар Ковачевски и специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот Џејмс Рубин, потпишаа Меморандум за разбирање кој ја дефинира соработката меѓу двете држави во борбата против манипулацијата со информации.

Меморандумот бил потпишан по вчерашната средба на Ковачевски со државниот секретар на САД Ентони Блинкен, соопшти Стејт департментот.

„Овој Меморандум за разбирање уследи по состаноците одржани во Скопје на 11 април 2023 година, меѓу Владата на Северна Македонија и Стејт департментот на САД. За време на тие состаноци, двете страни изразија загриженост за напорите на Русија и други да шират дезинформации за поткопување на демократијата и националната безбедност низ целиот свет“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „новиот Меморандум за разбирање ќе овозможи поблиска соработка во сè повеќе виталните напори за борбата против дезинформациите, заштита на демократските процеси и изградбата на издржливи информациски екосистеми“.

На опасноста од руските дезинформации Рубин предупреди за време на неговата неодамнешна посета на балканскиот регион. Тој порача дека Москва води пропагандна војна во регионот и дека Србија е една од главните „бази“ од каде тргнуваат руските манипулации во регионот.

Вчера во Вашингтон, пак, Ковачевски имаше средба со Блинкен, при која исткана дека односот меѓу САД и Северна Македонија е силен и базиран на вредности.

„Благодарение на ова стратешко партнерство, Северна Македонија можеше да помине низ многу тешки, но храбри одлуки во изминатите децении, а овие визионерски одлуки ја донесоа земјата во НАТО, овозможија отворање на пристапните преговори со Европската унија и претседавање со ОБСЕ во текот на повеќето тешка година во Европа по Втората светска војна“, изјави Ковачевски.

Блинкен, пак, му се зблагодари на Ковачевски за солидарноста на Северна Македонија и помошта за Украина со цел да се одрбрани од руската агресија.

Блинкен додаде и дека „ние силно го поддржуваме патот на Северна Македонија во Европската унија и многу го цениме, премиере, вашето лидерство во тој напор“.

XS
SM
MD
LG