Линкови за пристапност

САД можеби не се подготвени за сајбернапади пред изборите, вели сенаторот Ворнер


Загрижен сум дека сме помалку подготвени за странска интервенција во нашите избори во 2024 година отколку во 2020 година, рече тој на самит за сајбербезбедност во Вашингтон
Загрижен сум дека сме помалку подготвени за странска интервенција во нашите избори во 2024 година отколку во 2020 година, рече тој на самит за сајбербезбедност во Вашингтон

САД можеби не се подготвени за дезинформации и сајбернапади кои се очекуваат да ја погодат земјата пред претседателските избори оваа година, според сенаторот Марк Ворнер, кој е претседавач со Комитетит за разузнавање на Сенатот.

Ворнер, на конференцијата за сајбербезбедност во Вашингтон, изјави дека и покрај напорите на различни американски владини агенции да обезбедат заштита од изборно мешање, сè уште има празнини, особено кога станува збор за кампањи за странско влијание.

„Загрижен сум дека сме помалку подготвени за странска интервенција во нашите избори во 2024 година отколку во 2020 година“, рече тој на самитот за сајбербезбедност.

Тој додаде дека раширеноста на вештачката интелигенција, исто така, може да направи напорите на Русија за мешање во претседателските избори во 2016 година да изгледаат „како детска игра“.

Највисоките американски службеници за спроведување на законот и сајбербезбедноста постојано изразуваат доверба во нивната способност да ја заштитат гласачката инфраструктура на нацијата од напади од кои било американски противници.

„Американците можат да бидат сигурни во нашиот изборен систем и нашата демократија“, изјави директорот на ФБИ Кристофер Вреј, пред законодавците минатиот месец, поддржан од лидерите на американската агенција за сајбербезбедност и инфраструктура и Агенцијата за национална безбедност.

Но, официјалните лица изразија загриженост за операциите на влијание, особено од Русија, Кина и од Иран, дизајнирани да ги искористат постоечките внатрешни политички поделби во САД.

Ворнер денес рече дека верува оти тоа е местото каде што одбраната на изборите во Вашингтон е најранлива, наведувајќи ја судската одлука која им забрани на компаниите за социјални медиуми да споделуваат информации за потенцијалните операции на странско влијание.

„Тоа треба да нè исплаши“, рече тој, додавајќи дека ранливоста на гласачите можеби е на највисоко ниво.

„Имаме многу повеќе Американци во 2024 година, за жал, кои се повеќе подготвени да веруваат или имаат помала доверба во нашиот систем“, рече Ворнер.

Предупредувањето на Ворнер за руското мешање во изборите се на иста линија со коментарите на советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

„Има многу причини да се грижиме“, рече Саливан за Ен-Би-Си во неделата.

„Има историја овде на претседателските избори од страна на Руската Федерација, од нејзините разузнавачки служби“.

Тие загрижености, сепак, вознемирија некои законодавци и конзервативни коментатори, кои тврдат дека Белата куќа се обидува да го врати она што тие го нарекуваат „руска измама“ - наративот изразен од многу демократи дека Русија се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година за да му помогне на поранешниот претседател Доналд Трамп победи.

Ворнер, разговарајќи со новинарите, ги отфрли таквите аргументи.

„Секој што мисли дека руските разузнавачки служби немаат и ќе продолжат да се мешаат во нашите избори... Се прашувам од каде ги добиваат своите информации“, рече тој одговарајќи на прашање од Гласот на Америка.

Во декласифицираниот разузнавачки извештај за изборите во САД во 2022 година, објавен кон крајот на минатата година, Националниот разузнавачки совет со голема доверба оцени дека Русија, заедно со Кина и Иран, воделе операции што се обидувале да влијаат на исходот.

„Руската влада и нејзините полномошници се обидоа да ја оцрнат Демократската партија пред среднорочните избори и да ја поткопаат довербата во изборите, најверојатно за да ја поткопаат поддршката на САД за Украина“, се вели во извештајот.

Кина целеше на „среднорочни трки во кои учествуваа членови на двете политички партии во САД“, се додава.

И Русија и Кина претходно ги негираа наводите за водење операции за влијание насочени кон изборите во САД.

XS
SM
MD
LG