Израелската војска денес соопшти дека четворица нејзини војници биле убиени во борби во јужен Либан. Во соопштението на војската се вели дека сите војници биле од иста бригада, но не е прецизирано кога биле убиени или околностите на нивната смрт.
Развојот доаѓа речиси две недели откако Израел и милитантната група Хезболах со седиште во Либан започнаа прекин на огнот.
Договорот, кој ги повикува двете страни да се повлечат од јужен Либан, донесе нагло намалување на борбите, но не го елиминира насилството во областа.
Либанската војска денес соопшти дека во израелски воздушен напад бил погоден автомобил во близина на контролен пункт на војската во јужен Либан, при што загинало едно лице, а ранети биле четворица војници.
Либанската војска не е страна во конфликтот меѓу Израел и Хезболах и заедно со Обединетите нации треба да ја надгледува тампон зоната меѓу завојуваните страни како дел од договорот за прекин на огнот.
Хезболах започна напади против Израел во октомври 2023 година во знак на солидарност со својот сојузник, милитантната група Хамас во појасот Газа, по нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Израел и Хезболах разменуваат прекугранични напади со месеци, при што конфликтот се интензивираше во септември и израелските војници влегоа во Либан во октомври.
Прекинот на огнот им овозможи на израелските трупи повторно да се фокусираат на Газа, каде здравствените власти денес соопштија дека во израелските воздушни напади загинале најмалку шест лица.
Израелските власти, исто така, соопштија дека беспилотно летало за кое се верува дека потекнува од Јемен удрило станбена зграда во централниот израелски град Јавне. Нема пријавени повредени, соопштија властите.
Милитантната група Хути со седиште во Јемен започна повеќекратни напади против Израел во текот на изминатата година и спроведе кампања насочена кон бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, сите дел од, како што вели групата поддржана од Иран, акции во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 44.700 Палестинци, повеќе од половина од потврдените смртни случаи на жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.
Израел вели дека билансот на загинатите вклучува илјадници милитанти што ги убил.
Хамас и Хезболах се означени како терористички групи од САД, Обединетото Кралство и другите западни земји.
Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс