Линкови за пристапност

Кои се причините за пожарите во Калифорнија?


Експертите велат дека пожарите стануваат поопасни како резултат на климатските промени, нерамномерниот распоред на врнежите во текот на годината и ширењето на населените места

Властите соопштија дека во двата разурнувачки шумски пожари кои ја зафатија сојузната држава Калифорнија загинале најмалку 66 лица.

Експертите укажуваат на неколку причини за плочестото избувнување на пожари - од порастот на бројот на населението, нефункционалната опрема, па се до климатските промени. Тие велат дека овие пожари се само најава за поголемите кои ќе ги видиме во иднина.

Џенифер Балч, директорка на Планетарната лабораторија при Универзитетот во Колорадо вели дека податоците покажуваат дека пожарите во западниот дел на САД се интензивираат.

„Сведоци сме на петкратно зголемување на бројот на големи пожари од 1970-тите години навака“ вели таа, додавајќи дека областите кои се опожарени се зголемиле за два пати.

Климатските промени донесоа потопли температури и екстремни варијации во врнежите од снег и дожд, предизвикувајќи наизменично суви и влажни години, вели Лирој Вестерлинг од Универзитетот во Калифорнија кој ги проучува врските меѓу пожари и климатски услови.

Тој вели дека варијациите создаваат повеќе пожари „бидејќи во влажните години вегетацијата расте интензивно, а во сувите години таа е лесно запалива.“

Вестерлинг вели дека пожарите се движат побрзо низ сува трева и ниска вегетација. Ваков пожар го зафати и северниот дел на Калифорнија. Тој додава дека сезоната на пожари во Калифорнија е продолжена и трае до крајот на есента затоа што зимските дождови доцнат, а ветрови ги помагаат во ширењето на пожарите.

Потенцијални причини за пожарите

Ширењето на населението значи поголеми шанси за пожари затоа што луѓето буквално градат домови на линијата на огнот, вели Балч. Таа посочува дека човечкиот фактор е причина за 84 проценти од пожарите, додека останатиот дел се предизвикани од громови.

Оштетената инфраструктура на далноводите е причина за многу пожари, и властите се обидуваат да утврдат дали ова е причината зад двата големи пожари во Калифорнија.

Несовесните кампери исто така одговорни за некои од пожарите, вели Балч, додавајќи дека најопасен ден за пожари во САД е Денот на независноста кој се слави на 4-ти јули и кога се користат голем број огномети.

Вестерлинг вели дека управувањето со шумите, кое го наведе претседателот Доналд Трамп игра улога во појавата на пожари, но додава дека смртоносните пожари во Калифорнија започнале на приватно земјиште во предградие на Лос Анџелес и во подножјето на планината Сиера Невада, а не во шумата.

Заедничкиот фактор се климатските промени, додава тој.

Нов извештај за Калифорнија на кој работел и Вестерлинг предвидува дека ако глобалните температури продолжат и да растат и понатаму, до крајот на овој век, екстремните пожари кои зафаќаат површина поголема од 10.000 хектари би можеле да се зголемат за речиси 50 проценти.

Балч додава дека 1,8 милиони домови западниот дел на САД се изложени на висок ризик од пожари.

Таа вели дека сопствениците на домовите и заедниците треба да бидат поактивни во расчистувањето на вегетацијата, но дека е потребна акција на многу фронтови, од борба со климатските промени до намалување на ризикот од започнување на шумските пожари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG