Државниот секретар на САД Ентони Блинкен ќе зборува за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан во Брисел следната недела, соопшти портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Блинкен ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, вклучувајќи го и првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина, од понеделник до среда.
Блинкен ќе биде и во Скопје на министерскиот самит на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 29 и 30 ноември, потврди денес министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Секретарот Блинкен ќе ја истакне цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, ќе ја нагласи нашата поддршка за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан и ќе разговара за приоритетите на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“, изјави Милер.
Стејт департментот, за Гласот на Америка на македонски, во понеделникот изјави дека војната во Украина ја нагласува итноста Западен Балкан да се интегрира во евроатлантските институции, одговарајќи на барањето да ја искоментира изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија потенцијално може да предизвика нови кризи на Балканот.
Зеленски неодамна предупреди дека Русија би можела да се подготвува да предизвика криза во балканскиот регион за да го оттргне вниманието од тековната војна во Украина.
„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“, се вели во изјавата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.
Потсекретарот на Одделот за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон, при објавување на најновите санкции за лица и фирми на Западен Балкан минатата недела, рече дека Русија продолжува да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации.
И портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, изјави дека Европската Унија ја споделува загриженоста на Зеленски за руското негативно влијание на Западен Балкан.
„Долго време зборувавме дека Русија прави напори да изврши малигно влијание и во регионот на Западен Балкан. Во овој момент се согласуваме со претседателот на Украина и знаеме дека Русија прави се’ што може за да сее незадоволство, политичка нестабилност, странско влијание, манипулација со информации и другo. Затоа, поради оваа причина, ЕУ има зголемена помош за партнерите во земјите од Западен Балкан за соочување со овие закани“, рече тој на неодамнешна прес-конференција во Брисел.
Facebook Forum