Линкови за пристапност

Славјанка Петровска: Да не заборавиме дека мирот не е даден еднаш за секогаш, сите имаме обврска за безбедноста


Различни домашни актери можеби ќе се обидат да прават дури и некоја привидна дестабилизација, но не треба да заборавиме кој е патот на Република Северна Македонија, тоа е членството во ЕУ. Славјанка Петровска, министерка за одбрана.
Различни домашни актери можеби ќе се обидат да прават дури и некоја привидна дестабилизација, но не треба да заборавиме кој е патот на Република Северна Македонија, тоа е членството во ЕУ. Славјанка Петровска, министерка за одбрана.

Oдговорноста за евентуален нов конфликт на Балканот е кај политичките лидерства на земјите во регионот. Тие треба да ги препознаат и спречат обидите за дестабилизација од трети земји. Тоа, меѓу другото, го посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска во разговор за Гласот на Америка.

Одржувањето на мирот зависи од сите нас, но одговорноста за евентуален нов конфликт на Балканот е кај политичките лидерства на земјите во регионот, кои треба да ги спречат обидите за дестабилизација од трети земји. Тоа го посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска во разговор за Гласот на Америка.

Интервју со Славјанка Петровска, министерка за одбрана
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:54 0:00

„Ние веќе извесен период сме свесни и говориме јасно за влијанието од трети држави кои сакаат, или се обидуваат да направат дестабилизација на овој регион. Но, она што е исто така особено важно, кога зборуваме за потенцијални закани за каков било начин на дејствување, тука не велиме само конвенционални, туку повеќе и хибридни начини на дејствување“, вели министерката за одбрана.

Тоа што во моментов го детектираме како појава од такви, трети земји кои навистина предизвикуваат штетно влијание, тоа е Русија

Балканот е веќе променет

Но, таа посочува и дека регионот веќе е променет од времето на крвавите судири.

„Важно е да се напомене дека Балканот, или земјите од Западен Балкан не се истите држави што беа пред десетина, 15, 20 или повеќе години. Затоа што во меѓувреме се случуваат и се случија евроинтеграциски процеси на овие држави. Процеси коишто се позитивни, прогресивни и чија цел е да ги обединат овие држави. Многу е важно патот на европска и евроатлантска интеграција да го одиме заедно. Да го одиме со динамика и темпо кои нема да дозволат всушност овие штетни влијанија на трети земји да продрат и да направат дестабилизација“, посочува Петровска.

Славјанка Петровска, Интервју за Гласот на Америка
Славјанка Петровска, Интервју за Гласот на Америка

Сепак, одговорноста за мирот ја бара кај политичките раководства.

„Ќе бидам многу конкретна, можеби и сурова во мојот одговор. Меѓутоа, дали е можна дестабилизација или евентуално нов воен конфликт на Балканот помеѓу која било од земјите, ќе одговорам дека, одговорноста за тоа е кај политичките лидерства во тие земји, кои се доволно свесни во денешно време да ги препознаат опасностите и, се разбира, соодветно да реагираат на тоа, да ги спречат таквите појави“, вели министерката.

Заради тоа беше одлуката на нашата Влада за протерување руски дипломати кои ги преминуваат границите на дипломатското однесување

Петровска е категорична дека во земјава и во целиот регион има директни руски обиди за дестабилизација.

„Тоа што во моментов го детектираме како појава од такви, трети земји кои навистина предизвикуваат штетно влијание, тоа е Русија. Со своето однесување и овде во Република Северна Македонија и, од информациите кои ги споделуваме и ги имаме, во останатите држави“, вели министерката.

Таа го спомнува и протерувањето на руските дипломати.

„Впрочем и заради тоа беше одлуката на нашата Влада за протерување руски дипломати кои ги преминуваат границите на дипломатското однесување. И, со своето однесување влијаат, или се обидуваат да влијаат на процеси кои се внатрешни, во нашите институции и во државата, а со кои треба да се продолжи патот на европска и евроатлантска интеграција, и, она што е уште поважно, остварување на нашите национални и стратешки цели“, објасни Петровска.

Земјите од Западен Балкан не се истите од пред десетина, 15, 20 или повеќе години. Во меѓувреме се случуваат и се случија евроинтеграциски процеси

За улогата и одговорноста на Северна Македонија како НАТО земја за безбедноста во регионот, Петровска вели:

„Република Северна Македонија, освен што е дел од тој колективен систем на безбедност, преку и кој и придонесува и се разбира, е дел од таа заштита, во регионот сме присутни и преку учество во мисиите. На Косово преку мисијата на НАТО, (КФОР), а во БиХ, мисијата на Европската унија. Веќе подолг временски период со наши припадници учествуваме во двете мисии“, посочува министерката.

Таа додава дека е донесена одлука и за зголемување на бројот на македонските војници во мисијата на Косово.

„Минатиот месец донесовме одлука, на Влада, со која го зголемуваме учеството на нашите припадници во мисијата на Косово. Всушност на тој начин, согласно тие планови, и во рамките на двете мисии сме подготвени да учествуваме во надлежности или дејствија кои се во надлежност на овие мисии, а со цел да придонесеме за гарантирање на регионалниот мир и стабилност“, вели Петровска.

Воена НАТО вежба 'Брз одговор 23' на армискиот полигон Криволак
Воена НАТО вежба 'Брз одговор 23' на армискиот полигон Криволак

Министерката, воедно посочи дека македонското учество во мировните мисии е показател за напредокот на државата.

„Ова наше учество во овие мисии е само уште една потврда за скокот што Република Северна Македонија го направи а тоа е од земја, која во минатото беше препознаена како земја на која ѝ беше потребна помош, како земја која денес веќе дава помош и поддршка на земји на кои тоа им е потребно“, истакна Петровска.

Со Петровска разговаравме и за помошта кон Украина, како и за обуката на украинските војници што била изведена на македонска територија.

Вратата е отворена и во текот на 2024-та, ако се побара од наша страна, се разбира позитивно ќе одговориме (за обука на украински сили)

„Обуката заврши успешно. Таа беше димензионирана согласно побарувањата на украинската страна, односно за тоа каков вид потреба имаат нивните вооружени сили. Ме радува фактот што обуката заврши успешно. Над 100 војници на украинските сили беа обучени, од страна на нашите вооружени сили“, истакна министерката.

Таа додаде дека се отворени вратите за идни обуки за украинските војници.

„Се надевам дека и во наредниот период, односно, вратата е отворена и во текот на 2024-та, особено почетокот на годината, ако се побара од наша страна, се разбира позитивно ќе одговориме. Тоа е уште еден позитивен пример како ја поддржуваме Украина во она што од почетокот го најавивме, а тоа е дека покрај политичката поддршка и осудата на неоправданата руска инвазија врз Украина дека ќе ја помогнеме на секаков можен начин“, категорична е Петровска.

Воена вежба на армискиот полигон Криволак
Воена вежба на армискиот полигон Криволак

За барањето за воена помош, пак, за Украина, вели дека стручен армиски тим сè уште го разгледува.

„Доколку барањето, кое е веќе доставено и е предмет на анализа на Генералштабот, се покаже дека можеме да одговориме позитивно, што значи дека опремата, која е предмет на барањето, ако со нејзиното евентуално давање нема да се наруши борбената готовност на нашата армија и (ако) не се ослабуваат капацитетите, политичката одлука ќе биде многу лесно донесена“, истакна Петровска.

Политичките влијанија или интервенции тука се недозволиви. Зошто? Затоа што се набавува опрема или вооружување

Категорична против политички притисоци во набавката на хеликоптерите

За набавката на новите армиски хеликоптери и на другата воена опрема, пак, Петровска вели дека е процес кој сè уште трае и дека некогаш се потребни повеќе години за негова реализација. Категорична е дека не смее да има политички притисоци во тој процес.

„Политичките влијанија или интервенции тука се недозволиви. Зошто? Затоа што се набавува опрема или вооружување, во случајов се хеликоптерите, кои треба да ѝ послужат на македонската армија и кои треба да задоволат одредени перформанси кои армијата ги бара“, укажа Петровска.

Таа додаде и дека стручниот тим сè уште ги анализира понудите:

„Тимот побара дополнителни консултации околу понудите кои веќе беа доставени. Се разбира дека тоа им е овозможено. Се надевам дека штом тие бидат подготвени, ќе биде презентирана нивната конечна одлука како стручно тело. Понатаму ќе биде процесирана и до Владата, од моја страна, бидејќи постапката е таа. Ќе биде презентирана и пред пратениците во Комисијата за одбрана и безбедност“, рече Петровска.

Воена вежба на македонската армија
Воена вежба на македонската армија

Воената опрема и вооружувањето не се купува преку ноќ

Министерката укажа дека набавката на воената опрема и вооружувањето не може да се одвива по забрзано темпо.

„Што, што побрзо се склучуваат договорите, толку побрзо ќе ја добиеме и опремата. Затоа што опремата, особено оваа што ние ја користиме во армијата секаде во светот, не само во Република Северна Македонија, има процес на производство на таа опрема. Тоа не е нешто што може да се купи преку ноќ. Затоа е важно да се гарантира дека процесот, не само на модернизација, туку и севкупно, на опремување на армијата, е долгогодишен процес“, вели Петровска и додава:

„Тоа не се случува преку ноќ и затоа е многу важно да се има континуирана буџетска поддршка и раст на буџетот“.

Петровска: Секој е одговорен за безбедноста, патот кон ЕУ е гаранција за мирот
Петровска: Секој е одговорен за безбедноста, патот кон ЕУ е гаранција за мирот

Петровска порачува и дека патот кон ЕУ е дополнителна гаранција за безбедноста на македонските граѓани.

Сите ние имаме обврска да работиме и да придонесеме за мир и безбедност и во нашата земја, и во регионот

„Министерството за одбрана, армијата, но и институциите ја работат својата работа и ја гарантираат безбедноста и стабилноста на нашата држава“, вели и додава за постоењето сечија одговорност во општеството.

„Да не заборавиме дека мирот не е нешто коешто е дадено еднаш за секогаш, и дека сите ние имаме обврска да работиме и да придонесеме за мир и безбедност и во нашата земја, и во регионот“, вели министерката.

Петровска вели дека се можни и разни домашни обиди за дестабилизација.

„Во турбулентни времиња, особено во времиња во коишто... и влијанијата за коишто говоревме, меѓутоа и различни домашни актери можеби ќе се обидуваат да направат дури и некоја привидна дестабилизација, не треба да заборавиме кој е патот на Република Северна Македонија. И дека следен чекор кој треба да го направиме и следната цел која треба да ја достигнеме, за која сите сме за, барем декларативно, е нашето членство во Европската унија. Тоа е најдобриот начин да гарантираме безбеден и продолжување на патот на нашата држава, на вистинскиот начин“, порача министерката Петровска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG