Линкови за пристапност

Би бил изненаден ако Пригожин избега од одмазда на Путин, вели директорот на ЦИА


Последните платеници на „Вагнер“ треба да бидат ослободени од нивната мандатна служба во наредните денови, соопшти денес британското Министерство за одбрана.

Во дневниот разузмавачки извештај за руската инвазија на Украина, се вели дека значителен број од помилуваните осуденици веројатно ќе продолжат со „Вагнер“ како професионални изведувачи.

„Вагнер“ минатиот месец организираше побуна против авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин.

Крајот на програмата за регрутирање на групата „Вагнер“ ја означува една од најкрвавите епизоди во модерната воена историја, соопшти британското министерство, со дури 20.000 осуденици-регрути убиени за неколку месеци.

Директорот на ЦИА Вилијам Бернс, вчера, на конференција за национална безбедност и надворешна политика на САД, рече дека бунтот бил „многу комплициран танц“ и дека Путин веројатно купува време додека да одлучи како да му се одмазди од Евгениј Пригожин, лидерот на „Вагнер“.

„Според моето искуство, Путин е шампион на одмаздата, така што би бил изненаден ако Пригожин избега од понатамошна одмазда“, рече Бернс.

Доцна вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето секојдневно обраќање рече дека Русија употребила речиси 70 проектили од „различен тип“ против Украина од понеделникот „и во значителна мера - против Одеса и регионот Одеса, Миколаив, другите наши јужни градови и заедници. ”

За жал, рече тој, „нашите бранители на небото“ не беа во можност „да го заштитат целото украинско небо“, но додаде дека Украина работи на добивање други системи за противвоздушна одбрана.

Москва вети „одмазда“ оваа недела за нападот на Украина на клучниот мост што ја поврзува Русија со украинскиот полуостров Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги осуди неодамнешните руски напади.

„Овие напади имаат влијание и надвор од Украина. Веќе го гледаме негативниот ефект врз глобалните цени на пченицата и пченката што им штети на сите, но особено на ранливите луѓе на глобалниот југ“, рече неговиот портпарол во изјавата.

Руската војска ги опиша своите удари врз Одеса како „одмазднички“.

Во меѓувреме, властите инсталирани од Русија на Крим рекоа дека во напад на украинско беспилотно летало загина едно лице и оштетени биле повеќе административни згради во северозападниот дел на полуостровот.

Дел од информациите се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG