Линкови за пристапност

Бајден му кажал на Шји да не се меша во изборите во САД


На оваа фотографија направена преку прозорец, претседателот Џо Бајден разговара на телефон во Овалната канцеларија во Белата куќа во Вашингтон, 9 декември 2021 година
На оваа фотографија направена преку прозорец, претседателот Џо Бајден разговара на телефон во Овалната канцеларија во Белата куќа во Вашингтон, 9 декември 2021 година

Претседателот Џо Бајден повторно го предупредил кинескиот претседател Шји Џјинпинг да не се меша во ноемвриските претседателски избори во САД за време на телефонскиот разговор на двајцата лидери денес.

Повикот е дел од напорите на САД за одржување на „отворени линии на комуникација за одговорно управување со конкуренцијата и спречување на ненамерен конфликт“, соопшти Белата куќа.

Во различни ангажмани, САД го изразија своето „континуирано зголемување на загриженоста“ против кинеското мешање во изборите, изјави висок функционер на администрацијата за новинарите на брифингот вчера.

Бајден последен пат го покрена ова прашање на неговиот состанок со Шји во Калифорнија минатиот ноември. Пекинг постојано изјавува дека нема интерес да се меша во внатрешните работи на САД.

„Мислам дека никогаш навистина не ги држиме Кинезите за збор кога велат дека ќе направат или нема да направат нешто“, рече високиот функционер.

„Станува збор за проверка“.

Декласифицираната проценка за закана на американското разузнавање, објавена во февруари, предупреди на „повисок степен на софистицираност во активноста на влијание“ на Пекинг, вклучително и со користење на генеративна вештачка интелигенција.

Извештајот предупредува на „зголемени напори за активно искористување на перцепираните општествени поделби на САД“ на Интернет.

„Постојана операција на влијание поврзана со Кина, ги користи политичките, економските и културните прашања на САД во нејзините кампањи“, рече Макс Лесер, висок аналитичар во Фондацијата за одбрана на демократии.

Операцијата користи конкретни прашања за да го таргетира Бајден, изјави Лесер за Гласот на Америка.

На пример, објава во која се споделува информација од вестите на Фокс за пропалестински протест беше споделена со додаден коментар за пораз на Бајден.

Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон, во изјава испратена до Гласот на Америка рече дека Кина е „посветена на принципот на немешање“ и дека тврдењата за влијанието на Пекинг врз претседателските избори во САД се „целосно измислени“.

Лидерите, исто така, го разгледаа напредокот за клучните прашања дискутирани на самитот во Калифорнија, вклучително и соработката за борба против наркотици, со цел да се спречи трговијата со фентанил, како и за неодамна обновената комуникација меѓу војските, решавање на ризиците поврзани со вештачката интелигенција и напорите за климатските промени, рече Белата куќа.

Повикот Бајден-Шји дојде додека Белата куќа се подготвува за трилатерален самит следната недела, на кој Бајден ќе биде домаќин на јапонскиот премиер Фумио Кишида и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор.

Првиот „минилатерален“ собир во историјата треба да открие низа иницијативи, вклучително и зголемување на поморската соработка за да се спротивстави на агресивното однесување на Кина во Јужното Кинеско Море.

Минатиот месец, САД санкционираа хакери поврзани со Кина поради таргетирање на критичната инфраструктура на САД.

САД и Кина, исто така, треба да одржат дијалог за управување со ризикот со вештачка интелигенција во наредните недели.

Лидерите разговарале и за други регионални и глобални прашања, при што Бајден изразил загриженост за „поддршката на Пекинг за руската одбранбена индустриска база и нејзиното влијание врз европската и трансатлантската безбедност“, денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров и заштитата на човековите права во Хонгконг.

Парис Хуанг придонесе за овој извештај

XS
SM
MD
LG