Унгарскиот кредит кој Северна Македонија треба да го добие од официјална Будимпешта се всушност кинески пари, обвинува опозициската партија СДСМ.
Од таму велат дека ВМРО-ДПМНЕ со тоа ја става земјата во политичка зависност од трети држави.
„Унгарскиот Центар за управување со државен долг, објави дека Унгарија зела една милијарда евра кинески пари од Кинеската банка за развој. Ова е уште една официјална потврда дека парите за унгарскиот кредит се всушност кинески пари. Значи освен корупцијата, Мицкоски сака да го сокрие и потеклото на парите од Кина, затоа му се брза со итна постапка во Собрание и го бутка по секоја цена. Последиците ќе бидат врз граѓаните и државата. На овој начин Мицкоски ја става во заложништво земјата и под штетна политичка зависност од трети земји, спротивно на стратешките интереси“, рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, за Гласот на Америка на македонски, вели дека заемот е проблематичен по неколку основи, но оти е особено проблематичен од политичка гледна точка.
„Ова е несомнено зближување со Унгарија и Кина, и мислам дека тоа е своевидна порака на Мицкоски до Западот, односно до ЕУ и Америка, дека ако не нѐ подржат малку повеќе на меѓународен план, односно во спорот со Бугарија и во поглед на евроинтеграциите, ние можеме да се свртиме кон Истокот. На некој начин, Мицкоски пробува да го копира Вучиќ и неговата стратегија на играње со сите. И додека намерата е легитимна, со оглед на нефер третманот на ЕУ кон Македонија, проблемот е што финтава нема да запали. ЕУ има премногу свои проблеми во моментов за да ѝ е гајле за Македонија. Освен тоа, Македонија не е Србија, ја нема нејзината тежина и значење за регионот, а е членка и на НАТО, поради што не може да си дозволи екскурзии од ваков тип. Така што, мислам дека геополитичкава коцка на Мицкоски нема да се исплати, и може само да има контраефект, односно, да нѐ направи своевидна црна овца која сите ќе ја избегнуваат“.
Според него намерите на Кина се јасни - тие сакаат да го шират своето влијание во Европа и од политички, но и од економски побуди.
„Не случајно нивниот претседател беше во посета на Србија, Унгарија и Франција пред некој месец. И тоа е сосема легитимно, колку и да не му се допаѓа Кина некому. Проблемот тука не е во Кина, проблемот е во ЕУ што ѝ остава простор на Кина да се шири. Така што, единствен начин да се спречи, или барем ублажи ширењето на Кина на Балканот е ако ЕУ покаже повеќе посветеност кон регионот, ги забрза евроинтеграциите и ја зголеми финансиската поддршка“, вели Јовановиќ.
Во однос на унгарскиот кредит, за кој постојат сомневања дека тоа се всушност кинески пари, Јовановиќ смета дека заемот е проблематичен и од економска гледна точка.
„Од чисто економска гледна страна, изгледа дека не знаеме зошто го земаме заемот. Се задолжуваме колку да се задолжиме, па дополнително ќе видиме што ќе правиме со тие пари. Половина од парите наводно ќе одат за општински проекти, а никој не знае кои се тие проекти и дали се потребни. Владата дури сега распишува повик за проекти, па им наложува на општините да аплицираат, па кој знае како ќе ги бира. Целиот процес е поставен наопаку. Нормалниот тек на работите е така што општините гледаат што им е потребно, па потоа наоѓаат пари за да го реализираат тоа. Вака, ќе завршиме со проекти кои веројатно не ни се потребни, а на идните генерации ќе им оставиме милионски долгови за враќање“.
Економската помош на Кина кон помалите држави потоа создава простор за политички влијанија
Кина нема сериозно присуство во Северна Македонија. Тоа е веројатно просечно присуство кое се поврзува со традиционалните производи на државата и со потребите овде кај нас, вели Андреја Стојковски, извршен директор на институтот „Преспа“.
„Сепак важно е да се има предвид пристапот на Кина кон помалите држави и држави кои имаат потреба од лесна економска помош, која потоа создава зависност и отвара простор за сериозни влијанија во однос на политиките и демократските процеси“, вели Стојковски.
Тој вели дека главно, соработката или увозот од Кина е ограничен на преработки, различни производи по кои Кина е генерално позната.
„Ако ја погледнеме соработката со ЕУ, Кина претставува екстремен исклучок во однос на соработката со преработки. Има уште една точка во која Кина има развиена соработка со Северна Македонија. Оваа соработка се покажува како тренд во целиот регион, а тоа е во делот на науката и високото образование“, рече Стојковски.
Кина е економски силно присутна во некои земји соседи на Северна Македонија
Во однос на политичкиот дел, првиот македонскки амбасадор во Грција Љупчо Арсовски, вели дека на светската политичка сцена последниве години се случуваат тектонски потреси и поместување на рамнотежата.
„Ова е опасна состојба која ја почуствуавме во Европа или попрецизно во земјите на ЕУ и повеќе земји кои се во различни фази на преговори за членство или веќе ориентирани кон ЕУ и особено некои од нив со голема вербална и друга поддршка особено после почнување на руско - украинскиот конфликт. Кина како и досега внимателно се однесува, бидејќи е еднакво значаен дел од светската рамнотежа. Важно е да се има предвид дека Кина е економски мошне силно присутна преку пристаништа во соседната земја на југ, а со соодветни инвестициони форми и во Република Македонија и кон север“, вели Арсовски.
Тој потсетува и на најавениот интерес на официјален Пекинг за инвестирање во брзата жечезница од Атина до Будимпешта.
„Мислам дека една промена во одамна зацртаната определба и ориентација на нашата земја кон ЕУ е тешка и речиси невозможна. Кина би играла на економска, инвестициона и финансиска карта што може да биде препознаена во ЕУ и тоа е добро од повеќе аспекти. Очекувам дека и САД како голем партнер на ЕУ и земјите од регионот, значаен интерес за земјите на Западен Балкан ќе препознае во присуство на такви големи инвестиции на Балканот. Лично сметам дека Македонија е влезена пред се` со вакви размислувања на луѓе од ,„чудна политичка кујна“ или на особено мрачни сценарија од земји земји кои површно или со крајно лоши намери гледаат на Југоисточна Европа и балканските земји посебно“.