Линкови за пристапност

На Северна Македонија ѝ претстојат две години на снабдување со скап природен гас


Поморскиот дел од терминалот за природен течен гас Александрополис.
Поморскиот дел од терминалот за природен течен гас Александрополис.

До јануари 2027 не се очекува дека надежниот интерконектор Александрополис ќе биде оперативен. Кои опции ги нуди Министерството за енергетика? 

Гасоводот „Турски тек“ носи нафта од Русија до Турција. Со санкциите на САД за руската нафта и со потенцијалната опасност за прекин на дотурот на нафта заради оштетување, како што неодамна се случи при напади со украински беспилотни летала на почетната точка на гасоводот, направија Северна Македонија и другите балкански држави да се ангажираат на наоѓање алтернативи за снабдувањето со гориво.

Една од опциите е пристапот до терминалот Александрополис од каде Северна Македонија заедно со државите од Централна и Југоисточна Европа би се снабдувала со природен гас од побезбедниот Азербејџан. Но тоа во моментов не е оперативна опција зашто допрва треба да се гради интерконекторот со Грција.

Одговорноста на креаторите на политиките е да осигуруваат алтернативни опции за снабдување со гас од други извори на енергија
Татиана Митрова, Центар за глобална енергетска политика при Универзитетот Колумбија - Њујорк

На нашето прашање до каде е постапката, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини одговорија дека „тендерската процедура е во тек“ и дека очекуваат „најдоцна до крајот на февруари“ да има селектирано изведувач. Конечната одлука треба да ја донесат Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБДР), до кои според Министерството, е доставена потребната документација.

„Потпишувањето на Договор за изградба на интерконекторот со Грција следи по завршување на тендерската постапка, а потоа доаѓа примопредавање на трасата на изведувачот, со што официјално отпочнува изградбата на интерконекторот. Со оглед дека на поголемиот дел од трасата целосно е завршена експропријацијата, почетната точка ќе биде дефинирана заедно со изведувачот“, ни рекоа од Министерството.

Изградбата треба да заврши во рок од 22 месеци, по што следи релативно куса постапка за добивање одобрение за ставање во употреба, по што гасоводот треба да биде оперативен.

Од Министерството уверуваат дека избраната фирма ќе може да го предаде објектот во јануари 2027 година.

Тоа значи дека во наредниве две години Северна Македонија ќе треба да бара други опции, но експертите предупредуваат дека тие ќе бидат поскапи, иако вредни за истражување за обезбедување на енергетската иднина на државата.

„Фактот што Северна Македонија започна разговори со други добавувачи, и почна да бара снабдување со ЛНГ, е добра идеја“, вели Татиана Митрова од Центарот за глобална енергетска политика при Универзитетот Колумбија , во Њујорк. „Одговорноста на креаторите на политиките е да осигуруваат алтернативни опции за снабдување со гас од други извори на енергија“.

Слично размислување доаѓа и од Маргарита Асенова од Фондацијата Џејмстаун во Вашингтон.

„Интерконекторот Бугарија-Грција може да се зголеми за да испорача повеќе гас до Бугарија, и веќе има врска, интерконтектор, од Бугарија до Македонија. Другиот пат е исто така преку Грција. Гасот оди до грчките проводници и потоа од таму се турка до Македонија исто како што американскиот ЛНГ се турка до Македонија“.

Обновливи извори на енергија исто така се опција според Асенова.

„ Северна Македонија е сончева земја, има многу пристап до соларни панели. Може да ги развие оние ресурси кои се природни. од водата, од почвата, од сончевата енергија, од ветерот, со цел да се надомести покачувањето на цената на енергијата“, вели Асенова.

Во Северна Македонија, според податоците кои ги добивме од Министерството за енергетика, рударство и минерали има вкупно 607 постојки за обновливи извори на енергија. Најмногу се фотоволтаици со 484 број на постојки, потоа се малите хидроцентрали - вкупно 108, седум биогасни електроцентрали, две ветерници и една електроцентрала на биомаса.

„Вкупно инсталираната моќност од повластени производители на електрична енергија од обновливи извори изнесува 177.842 MW“, велат од министерството за енергетика.

Од ресорот енергетика во македонската Влада уверуваат дека се започнати неколку државни преокти кои ќе произведуваат струја со користење на сонцето и ветрот како ресурси. Станува збор за проекти за фотоволтаичните централи „Битола 1“ и „Осломеј 2“, а од министерството велат дека се обезбедени средства фотоволтаичната централа „Битла 2“. Инаку, до 2030 е предвидено затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, кои произведуваат струја на јаглен.

XS
SM
MD
LG