Линкови за пристапност

Новото министерство за рударство и енергетика можен извор на корупција?


Еден од првите чекори на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше измена на законот за организација и работа на државните органи со што се овозможи создавање четири нови министерства, меѓу кои, ресорот за енергетика, нешто што се нотира од Институтот за демократија
Еден од првите чекори на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше измена на законот за организација и работа на државните органи со што се овозможи создавање четири нови министерства, меѓу кои, ресорот за енергетика, нешто што се нотира од Институтот за демократија

Тукушто формирано, новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини се соочува со предупредувања за ризици од појава на корупција.

Алармот го вклучи Институтот за демократија, организација со долгогодишно искуство во следење случаи на корупција и изготвување политики за справување со оваа појава.

Еден од првите чекори што ги презеде новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше измена на законот за организација и работа на државните органи со што се овозможи создавање четири нови министерства, меѓу кои, според значењето, се истакнува токму ресорот за енергетика, рударство и минерални суровини, нешто што и се нотира во кусиот документ на Институтот за демократија објавен денеска.

„Важноста на енергетиката и државните природни ресурси, како и големите финансиски придобивки што концесионерите ги остваруваат во овие сфери, ги прават таквите министерства подлежни на ризик, дури и во државите со добро развиени антикорупциски политики. Ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија постојано истакнуваат бројни слабости во регулативата и надзорот на концесионерските договори, како и недостатокот на долгорочна стратегија за оптимално искористување на водните ресурси, енергијата, минералните суровини и други природни богатства“, пишува во документот.

Имајќи ги предвид париите кои се „вртат“ во оваа сфера, од Институтот за демократија го повикуваат Собранието, како тело кое го гласа владата, особено да внимава на 3 точки - потенцијални извори на корупција поврзани со работата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Првата е зголемено странско и домашно лобирање зашто е очекувано концесионерите преку разни лоби-претставници да вршат, како што се вели, „несоодветно влијание врз службениците во министерството и пратениците, што ќе доведе до лоши економски одлуки или закони кои ги фаворизираат приватните интереси пред јавната благосостојба“.

Втората точка која се посочува како можен извор на корупција е конфликтот на интереси зашто, според Институтот, има ризик службениците во новоформираното
министерство или високи функционери, да имаат лични финансиски придобивки во компаниите и концесиите чија работа ја надгледуваат.

Предупредувања за корупција во секторот за енергетика
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:05 0:00

Третата точка се „слабите човечки и материјални ресурси во министерството“ – авторите на документот сметаат дека органите кои се приклучиле кон новото министерството имаат мал број вработени од кои ќе се очекува да вршат инспекциски надзор врз работата на концесионерите и спроведувањето на договорите, што може да придонесе за отсуство на детални проверки и контроли, со што пак се зголемува веројатноста за коруптивни активности во рамките на самото министерство.

Од овој ресор со кој раководи Сања Божиновска преку соопштение реагираа велејќи дека „ги поздравуваат сите иницијативи кои носат поголема одговорност и транспарентност во делот на енергетиката и дека се отворени вратите на ова министертство за следење на неговите активности“.

Дека ситуацијата во оваа сфера е поволна за појава на корупција зборува и последниот ревизорски извештај за експлоатација на минерални суровини во кој се наведува дека надоместоците за експлоатираните ресурси не ги одразуваат реалните пазарни цени, поради што од 2018 до 2022 година државата наплатила само 1% од остварените приходи од продажбата на мермерните концесионери, што остава простор за сериозен сомнеж.

Борбата против корупцијата е на врвот приоритети и за стратешкиот сојузник на земјава – САД чија администрација во изминатата година и половина во неколку наврати ја искористи т.н. „црна листа“ која, како што пред извесен период најави американската амбасадорка Анџела Агелер, може да се очекува да биде ажурирана.

„Таканаречената црна листа е нешто што нашите закони го бараат, станува збор за динамична листа кој постојано трпи промени. Има многу имиња кои може да се изберат, во моментот неколкумина се разгледуваат од Вашингтон, се следи ситуацијата, немам точен датум кога таа црна листа ќе биде ажурирана, но тоа постојано се прави“, кажа Агелер на 29 јули.

Во изминатиот период на листата се најдоа поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски, екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев, бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамис Мерко.

XS
SM
MD
LG