Анита Ангеловска-Бежоска, Гувернерка на Народната банка на маргините на Есеннските средби на ММФ и Светската банка се осврнува на очекувањата за растот на домашната економија, но ѝ што носи членство на Северна Македонија во СЕПА.
Глас на Америка: Што е неопходно, гувернерке, да биде одговор на инфлациските притисоци со кои во последно време се соочува Македонија, но и регионот?
Анита Ангеловска-Бежоска: Во однос на инфлациските притисоци би кажала дека после високите инфлациски нивоа кои што беа достигнати во периодот 2022-ра, како во глобални рамки, така и кај нас веќе сме сведоци на постабилни инфлациски движења, односно на стабилизирање на инфлацијата, причините за тоа се две - едно е значајното стабилизирање на цените на примарните производи, особено на енергенсите и храната на светските берзи и вториот фактор се одговорите од страна на Централните банки на овие инфлациски движења. Така, како резултат на овие фактори, најновите податоци кај нас да се фокусирам, упатуваат на значајно намалување на инфлациските притисоци. Ако гледаме кон просечна инфлација од почетокот на годината заклучно со септември, бројките упатуваат на 3,3 проценти, и во основа се во линија со очекувањата на Централната Банка за просечната годишна стапка за 2024,од 3,5% а исто така и во линија и со најновите очекувања на ММФ кои што всушност вчера беа објавени, кои што проектираат просечна инфлација, од 3,3%. Меѓутоа сепак би потенцирала дека ризиците се присутни и потребно е внимателно водење на политики во натамошниот период.
Глас на Америка: Девизните резерви на крајот на септември изнесувале 4,4 милијарди евра. Најголем дел од девизните резерви се во хартии од вредност (63,9%), по што следуваат валутите и депозитите (24,2%) и монетарното злато (11,9%). Дали ваквото пласирање е очекувано, или забележувате нови трендови?
Анита Ангеловска-Бежоска: Ова е вообичаена структура на девизните резерви. За девизните резерви е важно што тие во континуитет покрај невидените шокови со кои се соочивме изминатите години, продолжуваат да растат. Последната состојба е 4,4 милијарди евра, но тоа значи дека тие се повисоки за околу 40 проценти во споредба со пред-пандемискиот период, или се повисоки за околу една милијарда евра. Ова се поволни трендови кои што говорат во насока на натамошно јакнење на генералната макроекономска политика и стабилноста на домашната валута. Причините се поповолните надворешни случувања, особено во сегментот на странски директни инвестиции, кои за првата половина од годината изнесуваат 500 милиони евра, но ова говори дека стабилни се и очекувањата на домашните економски субјекти.
Глас на Америка: Каква е економската и финансиска слика на Северна Македонија? Реални ли се прогнозите за раст на Светската банка?
Анита Ангеловска-Бежоска: Во однос на динамиката на економскиот раст би рекла дека динамиката е дека продолжува трендот на закрепнување на економската активност иако со нешто поумерена динамика, односни во изминатиот период имавме раст од 2,8%, па се сведе на 2,1%. Оваа година растот е во линија на очекувањата од Централната банка. Ние, проектиравме 1,9 проценти раст, за прво полугодие на годината, а на годишна основа, би рекла дека стапката на економски раст би требало да биде околу 2%. Што ќе се случува понатаму зависи од надворешните случувањата, особено во ЕУ, и во германската економија како наш најважен трговски партнер, кој минатата година заврши со рецесија, а оваа година се очекува стагнација, а другата благ раст.
Глас на Америка: Дали банкарскиот систем е солвентен? Има ли ризици?
Анита Ангеловска-Бежоска: Важно е да се потенцира дека и покрај шоковите од изминатиот период, стабилноста на банкарскиот систем беше одржана, и дополнително зголемена, што може да се види преку повеќе индикатори. Адекватноста на капиталот кој е индикатор за солвентноста на банкарскиот систем, достигна 19%, што е највисока стапка во изминатите две децении. Квалитетот на банкарските инструменти е значително зголемен.
Глас на Америка: Со Македонија во единствената област за плаќања во евра СЕПА, компаниите ќе ги намалат трошоците за плаќања во странство, а граѓаните ќе заштедат 16 милиони евра. Според Светската банка, членството може да ја намали сивата екомија за два проценти. Реално ли е?
Анита Ангеловска-Бежоска: Апликацијата за СЕПА ја поднесовме во јули, а тоа беше резултат на интензивни напори за имплементирање на европската регулатива, во три клучни сегменти, тоа е банкарската регулатива, регулативата за спречување на пари и регулативата која се однесува на платежните системи. Во тек е оценка на нашата апликација од Европската комисија. Ние сме оптимисти, имајќи ги во предвид вложените напори.