Линкови за пристапност

Дел од производите во маркетите поевтини за 5 до 10 отсто, дел со старите цени и покрај мерките на Владата


Лебот, маслото за јадење и млекото не поевтинија потврди министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Со мерките се спречи раст на цените и на инфлацијата а едно семејство може да заштеди до 1.300 денари вели министерот. Ново намалување на цените ќе има откако маркетите ќе ги истрошат залихите.

СКОПЈЕ - Намалување на цените на прехранбени производи во есенската потрошувачка кошница има но не и кај млекото лебот и маслото за јадење, месечната заштеда на едно семејство е до 1.300 денари а првите ефекти односно намалени цени од Законот за забрана на нефер трговски практики граѓаните ќе ги почувствуваат откако големите трговци ќе ги истрошат залихите во магацините и ќе набават производи согласно новите регулативи, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата.

Дел од добавувачи велат дека големите трговци нашле дупки во законот но Комисијата за заштита на конкуренцијата која треба да ги контролира сеуште е нефункционална.

Министерот Дурмиши вели дека есенската потрошувачка кошница и Законот за забрана на нефер трговски практики спречија натамошен раст на цените на прехранбените производи и на инфлацијата.

Бесар Друмиши, министeр за економија и труд
Бесар Друмиши, министeр за економија и труд

„Првичните анализи од терен кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалени во просек од 5 до 10 проценти при што кај некои производи намалувањето е помало или воопшто го нема како лебот маслото за јадење и млекото. Искажано во заштеда на пари, за едно четворочлено семејство на месечно ниво заштедата изнесува од 690 до 1.360 денари во зависност од начинот на исхрана и изборот на маркети каде што се купува“, изјави Дурмиши.

Иако Законот за забрана на нефер трговски практики е на сила, цените кај големите трговци се исти бидејќи според Дурмиши, во магацините имале залихи кои требало прво да ги потрошат а потоа да набават нови и тогаш ќе има дополнително намалување на цените. Проценките се дека тоа би било на почетокот на идниот месец.

„ Законот за нефер трговски практики стапи на сила. Додека да се потрошат производите кои маркетите ги имаат во залихи нормално е дека се продаваат по старите цени. Кога ќе се направат новите фактури, добавувачите со купувачите треба да ги усогласат цените и новите производи ќе излегуваат со намалени цени“, вели Дурмиши.

Сепак дел од добавувачите тврдат дека големите трговци ги условуваат со откажување на нарачки на стока доколку не се потпише договор по нивни услови а не согласно новиот закон. Најчесто станува збор за повратот на стока но и за вметнување на ставки и клаузули со кои треба да се надоместат десетте проценти за маркетинг кои сега се забранети.

Контрола за спроведување на овој закон треба да врши Комисија за заштита на конкуренцијата (КЗК), која според владините одредби до крајот на годинава смее само да опоменува, но и тоа нема да се случи бидејќи не е функционална и добавувачите немаат каде да пријават притисоци од големите трговци.

„Така како што е Комисијата не е функционална. Ни треба тој закон за Комисијата да го изгласаме во Собрание, да го надополниме и да им дадеме ингеренции и да се реорганизира за да биде функционална“, кажа Дурмиши.

На денешната седница на Влада треба да се формира економско социјалниот совет кој првиот состанок со синдикатите и организацијата на работодавачи ќе го одржи во четврток.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG