Линкови за пристапност

Потпишан договор за унгарскиот заем од 500 милиони евра


Министерката Димитриеска Кочоска денеска во Будимпешта го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка. Според најавите, парите треба да легнат на државната сметка до крајот на неделава и половина се наменети за бизнис секторот а половина за инфраструктурни проекти на општините.

СКОПЈЕ – Министерството за финансии односно македонската Влада денес го официјализираше кредитот од половина милијарда евра од Унгарија. Министерската за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денес во Будимпешта стави потпис на договорот со унгарската „Експорт – импорт банка“ а парите ќе бидат достапни до крајот на неделава.

„Со потпишување на Договорот денеска обезбедуваме 500 милиони евра за буџетска поддршка, за поддршка на локалниот развој преку проекти во општините, како и за поддршка на економијата. Тоа беше повеќе од потребно за нашата економија, која во првиот квартал имаше многу слаба економска активност и бараше мерки кои ќе направат раздвижување и забрзување на економската активност. Исто така, и реализацијата на проектите во општините претставуваа неопходност затоа што и тие ќе имаат позитивно влијание врз економската активност, а дополнително со нив ќе решиме и горливи проблеми на граѓаните“, рече министерката за финансии по потпишување на Договорот.

Кредитот од половина милијарда евра е со рок на отплата од 15 години и грејс период од три години а каматната стапка изнесува 3,25 проценти. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

„Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6% и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра“, рече Димитриеска-Кочоска.

Владата планира половина од средствата ќе бидат наменети за бизнис секторот а половина за општините за реализација на капитални проекти.

Според СДСМ овој заем ќе претставува удар врз домашните компании а унгарската банка за нив е политички инструмент на заткулисни кругови кои не се дел од курсот на државата. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека со овој заем се остава простор за политички манипулации и корупција како и мешање на Унгарија во внатрешните работи на државата.

Тврдењата на опозицијата дека унгарскиот заем се всушност пари од Кина ги демантираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, при посетата на Охрид, кој кажа дека кинескиот кредит во Унгарија е наменски и мора да се потроши за конкретни проекти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG