Американскиот претседател Џо Бајден денес изјави дека е блиску до презентирање на конечен предлог за договор за ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Газа, но рече дека не мисли оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прави доволно за да обезбеди таков договор.
Бајден зборуваше со новинарите во Белата куќа откако израелските сили во текот на викендот ги пронашле телата на шест заложници, вклучувајќи го и Херш Голдберг-Полин, 23-годишен американски државјанин, во тунел во Газа, каде што се вели дека неодамна биле убиени од страна на палестинските милитанти на Хамас.
Тоа предизвика критики за стратегијата на администрацијата на Бајден за прекин на огнот во Газа и го засили притисокот врз Нетанјаху од Израелците да ги врати преостанатите заложници дома.
Запрашан дали мисли дека Нетанјаху прави доволно за да обезбеди договор за заложници, Бајден одговори:
„Не“.
Тој не даде детали.
Запрашан дали планира да го претстави конечниот договор за заложниците на двете страни оваа недела, Бајден рече:
„Многу сме блиску до тоа“.
„Продолжуваме да се надеваме“, додаде тој на прашањето дали договорот ќе биде успешен.
Бајден и потпретседателката Камала Харис денес треба да се сретнат со американскиот преговарачки тим за договорот за заложници, за да разговараат за напорите за постигнување договор за ослободување на преостанатите заложници.