Линкови за пристапност

Гутереш назначи независна група за ревизија на Агенцијата на ОН за помош на палестински бегалци


Групата ќе започне со работа на 14 февруари и ќе поднесе прелиминарен извештај до генералниот секретар на ОН кон крајот на март
Групата ќе започне со работа на 14 февруари и ќе поднесе прелиминарен извештај до генералниот секретар на ОН кон крајот на март

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, назначи поранешен француски министер за надворешни работи да раководи со независната ревизија на агенцијата на ОН која им помага на палестинските бегалци, која е вмешана во скандал и се соочува со загуба од повеќе од 400 милиони американски долари од донаторски придонес.

„Генералниот секретар, во консултација со генералниот комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци Филип Лазарини, назначи независна група за преглед за да процени дали агенцијата прави се` што е во нејзина моќ за да обезбеди неутралност и да одговори на наводите за сериозни прекршувања што се направени“, изјави портпаролот на ОН Стефан Дујарик.

Групата, што ќе прави ревизија, ќе започне со работа на 14 февруари и ќе поднесе прелиминарен извештај до Гутереш кон крајот на март.

Конечниот јавен извештај ќе следи кон крајот на април.

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци е под интензивна контрола, откако ОН на 26 јануари откри дека Израел ѝ дал информации во кои се тврди дека десетина нејзини вработени биле вклучени во смртоносните терористички напади на 7 октомври во Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, го поздрави формирањето на групата за преглед, во порака на X.

Тој рече дека Израел ќе ги достави до групата сите докази „што ги истакнуваат врските на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци со тероризмот“ и повика на оставка на Лазарини.

Пред обвинувањата на 7 октомври, Израел со години ја критикуваше Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, тврдејќи дека училиштата со кои работи агенцијата ги користел Хамас за терористички активности и дека промовираат антиизраелска наставна програма.

Групата за ревизија е одвоена од внатрешната истрага што ОН ја спроведуваат за наводите поврзани со 12-те вработени.

Во средината на јануари, пред да се појават наводите од персоналот, Лазарини рече дека ќе изврши преглед на организацијата и нејзиното работење.

Меѓу своите задачи, групата за ревизија, ќе разгледа каде потфрлиле политиките и процедурите на агенцијата и ќе даде препораки за нивно подобрување или создавање нови, за да ја направи агенцијата „подобро погодна за целта“.

XS
SM
MD
LG