Линкови за пристапност

Блинкен во Украина на разговори за контраофанзивата, новата помош од САД


Американскиот државен секретар Антони Блинкен е во ненајавена посета на Киев на разговори со украинските лидери за состојбата на контраофанзивата на украинската војска, како и за напорите за обновување и реконструкција.

Стејт департментот соопшти дека Блинкен ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Блинкен, исто така, се очекува да објави повеќе од 1 милијарда долари ново американско финансирање за Украина.

Виш функционер на Стејт департментот им изјави на новинарите дека поддршката на САД ќе продолжи со напорите да се осигура дека украинската војска го има она што и е потребно за оваа фаза од нејзината борба против руската инвазија. Тоа вклучува материјал за воздушни напади и пробивање на руските линии, рече официјалниот претставник, додека воздушната одбрана „продолжува да биде висок приоритет“.

Официјалниот претставник рече дека иако САД имаат свој став за конфликтот, важно е да се добие „вистинска оценка од самите Украинци“.

Официјалниот претставник, исто така, ја истакна важноста од консултации со украинските лидери пред состанокот на Генералното собрание на ОН овој месец.

„Украинците имаат важна мисија во Њујорк да продолжат да им објаснуваат на своите сојузници и партнери ширум светот што се случува и нивната постојана потреба за поддршка. И за нас е важно да продолжиме да ги водиме тие глобални напори за да ги поддржиме“, рече официјалниот претставник.

Блинкен учествуваше во положување венци на гробиштата Берковецке во чест на загинатите украински војници.

XS
SM
MD
LG