Преговорите за оружје меѓу Русија и Северна Кореја активно напредуваат, изјави денес американски официјален претставник и го предупреди лидерот Ким Џонг Ун дека неговата земја ќе плати цена за снабдување на Русија со оружје за употреба во Украина.
„Давањето оружје на Русија нема да се одрази добро на Северна Кореја и тие ќе платат цена за тоа во меѓународната заедница“, изјави американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Белата куќа.
Кремљ претходно денес соопшти дека нема „ништо да каже“ за изјавите на американските официјални лица дека Ким планира да отпатува во Русија овој месец за да се сретне со претседателот Владимир Путин и да разговара за испораката на оружје за Москва.
„Ким очекува дискусиите за оружјето да продолжат“, рече Саливан, додавајќи „вклучително и на лидерско ниво и можеби дури и лично“.
Саливан вели дека Москва сега „бара кој и да е извор што може да го најде“ за муниција.
„Ќе продолжиме да ја повикуваме Северна Кореја да се придржува до јавните обврски да не ѝ доставува оружје на Русија што ќе заврши со убиство на Украинци“, рече Саливан.
Вчера, Советот за национална безбедност на САД рече дека Ким и Путин би можеле да планираат средба, а „Њујорк тајмс“ цитираше неименувани американски и сојузнички официјални лица кои велат дека Ким планира да отпатува во Русија следната недела за да се сретне со Путин.
Запрашан дали може да ги потврди разговорите, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече: „Не, не можам. Нема што да се каже“.
Севернокорејското министерство за одбрана во ноември рече дека Пјонгјанг „никогаш немал „зделки за оружје со Русија“ и дека „нема план да го прави тоа во иднина“.
Москва и Пјонгјанг ветија дека ќе ја зајакнат одбранбената соработка.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој го посети Пјонгјанг во јули за да присуствува на изложбите на оружје во кои беа вклучени севернокорејските забранети балистички ракети, вчера рече дека двете земји разговараат за можноста за заеднички воени вежби.
Патувањето ќе биде прва посета на Ким во странство по повеќе од четири години и прва по пандемијата на коронавирус.
Иако тој патувал повеќе во странство отколку неговиот татко како лидер, патувањето на Ким често е во тајност и силно обезбедување.
За разлика од неговиот татко за кој се вели дека не сакал да лета, Ким летал со својот личен авион од руско производство за некои од неговите патувања, но американските власти изјавиле за „Њујорк тајмс“ дека тој може да помине со оклопен воз преку копнената граница што ја дели Северна Кореја со Русија.
САД во август воведоа санкции за три субјекти кои ги обвинија дека се поврзани со договори за оружје меѓу Северна Кореја и Русија.
Северна Кореја изврши шест нуклеарни тестови од 2006 година и тестираше различни проектили во последните години.
Русија ѝ се придружи на Кина во спротивставувањето на новите санкции кон Северна Кореја, блокирајќи го притисокот предводен од САД и јавно го подели Советот за безбедност на ОН за првпат откако почна да го казнува Пјонгјанг во 2006 година.