Линкови за пристапност

Русија соопшти дека украински беспилотни летала ја таргетирале Москва


Полицајците стражарат на местото на урнатините на дрон по пријавен напад, во Москва, Русија, 23 август 2023 година.
Полицајците стражарат на местото на урнатините на дрон по пријавен напад, во Москва, Русија, 23 август 2023 година.

Можна воена соработка меѓу Русија и Северна Кореја - Путин барал артилериски гранати и противтенковски ракети, а Ким, напредна технологија за сателити и подморници на нуклеарен погон

Русија денеска соопшти дека противвоздушната одбрана уништила три украински беспилотни летала кои го таргетирале рускиот главен град.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека беспилотните летала биле соборени над областа Истра во московскиот регион, како и над регионите Калуга и Твер.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека паѓањето на остатоци оштетило објект за услуги за потрошувачи во областа Истра.

Руските власти соопштија дека нема пријавени жртви.

Руското Министерство за одбрана, исто така, во вторникот соопшти дека соборило украинско беспилотно летало над полуостровот Крим, кој Русија го окупира од 2014 година.

Оружје од Северна Кореја

Јужна Кореја денеска соопшти дека внимателно ја следи размената меѓу руските и севернокорејските официјални лица по извештаите дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун планира да се сретне овој месец со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за можноста за снабдување со оружје за руската војна во Украина.

„Ние, исто така, тесно комуницираме со релевантните власти на Северна Кореја“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја, Лим Со-сук. „Ниту една земја-членка на Обединетите нации не треба да ги прекршува санкциите на Советот за безбедност на ОН против Северна Кореја, вклучително и нелегалната трговија со оружје; и особено, воената соработка со Северна Кореја, која нанесува штета на мирот и стабилноста на меѓународната заедница“.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на официјални претставници на САД и сојузниците, во понеделникот објави дека Ким ќе отпатува од Пјонгјанг, веројатно со оклопен воз, до Владивосток, на пацифичкиот брег на Русија, каде што ќе се сретне со Путин.

Путин сака Ким да ѝ испрати на Русија артилериски гранати и противтенковски ракети во Москва, додека севернокорејскиот лидер би сакал Русија да му обезбеди на Пјонгјанг напредна технологија за сателити и подморници на нуклеарен погон, рекоа официјалните лица. Ким исто така бара помош во храна за својата сиромашна нација.

Планираното патување ќе дојде додека Русија разговара за одржување заеднички воени вежби со Северна Кореја.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар.

Портпаролката на Советот за национална безбедност, Адриен Вотсон, призна дека САД очекуваат „дипломатски ангажман на ниво на лидер“ за прашањето за продажба на оружје, да се случи меѓу Русија и Северна Кореја, официјално позната како Демократска Народна Република Кореја.

„Ја повикуваме Демократска Народна Република Кореја да ги прекине преговорите за оружје со Русија и да се придржува до јавните обврски што ги презеде Пјонгјанг да не обезбедува или продава оружје на Русија“, рече таа во изјавата по објавувањето на извештајот на „Тајмс“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се сретна со Ким во јули во Северна Кореја барајќи артилериска муниција за руската војна против Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби минатата недела изјави дека САД се загрижени дека преговорите за оружје меѓу двете земји активно напредуваат.

Договорот за жито

Путин во понеделникот рече дека договорот за жито од Црното Море, со посредство на ОН, што и овозможи на Украина безбедно да извезува жито преку коридорот на Црното Море, нема да биде обновен додека Западот не ги почитува условите на Москва за сопствениот земјоделски извоз.

За време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот во руското летувалиште Сочи, Путин остана на ставот дека доколку не се укинат ограничувањата за превозот и осигурувањето што ја попречуваат руската трговија со земјоделски производи, Русија нема да го врати договорот.

Русија се повлече од Црноморскиот договор за жито во јули, жалејќи се дека паралелниот договор кој ветуваше отстранување на пречките за рускиот извоз на храна и ѓубрива не се реализираше.

Путин ги повтори тие поплаки во понеделникот, додавајќи, доколку условите на Москва бидат исполнети, Русија би можела да се врати на договорот „за неколку дена“.

Неговите изјави ги урнаа надежите дека неговите разговори со Ердоган би можеле да го оживеат договорот, кој се смета за витален за глобалните резерви на храна, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија.

Украинскиот напредок

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот ги посети борбените бригади во регионот на Доњецк.

„Исклучително е важно да ги поддржиме нашите војници, да комуницираме со командантите на бригадата и баталјоните. Многу корисно е да се слушне од оние кои директно одат во битка што точно недостасува, што точно е доволно и што точно треба да се промени“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар изјави во понеделникот дека украинските сили напредувале околу селата Новоданиливка и Новопрокопивка во јужниот регион Запорожје.

Таа додаде дека Украина досега повторно освоила 47 квадратни километри земјиште околу Бахмут од почетокот на нејзината контраофанзива во јуни.

Дел од информациите се од Асошиетед прес, Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG