Линкови за пристапност

САД, 2024-та: Кандидат од трета партија, најверојатно ќе и помогне на кампањата на Трамп, а истовремено ќе му наштети на Бајден


Групата, наречена No Labels, се опишува себеси како „национално движење на разумни Американци“ и веќе неколку години работи на усвојување двопартиски компромис во Конгресот.
Групата, наречена No Labels, се опишува себеси како „национално движење на разумни Американци“ и веќе неколку години работи на усвојување двопартиски компромис во Конгресот.

Загрижени дека веројатено повторно ќе се сретнат во дуел, претседателот Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп на претседателските избори во 2024 година - и покрај фактот што анкетите покажуваат дека мнозинството Американци велат дека би сакале ниту еден од нив да не се кандидира - група во Вашингтон е подготвена да потроши 70 милиони долари да се создаде патека за кандидат од трета страна да влезе во трката.

Групата, наречена No Labels, се опишува себеси како „национално движење на разумни Американци“ и веќе неколку години работи на усвојување двопартиски компромис во Конгресот.

Во текот на изминатата година, таа го сврте погледот кон претседателската политика, верувајќи дека повеќето Американци се незадоволни од двопартискиот систем во кој доминира конфликтот меѓу демократите и републиканците.

Организацијата вели дека официјално не одлучила да номинира кандидат, и дека тоа ќе биде неопходно само доколку ниту републиканците, ниту демократите, не номинираат кандидат кој ќе им се допадне на широкиот дел од политички ориентирани Американци кон центарот.

Токму сега, според главниот стратег на No Labels, Рајан Кленси, тој услов би ги исклучил и Бајден и Трамп.

Тој ги наведе неодамнешните анкети на неговата организација и други национални анкетари кои покажуваат дека значајно мнозинство Американци велат дека не би сакале ниту Бајден ниту Трамп да се кандидираат повторно во 2024 година. „Нашата намера од почетокот не беше да го разнесеме двопартискиот систем. Нашата намера беше тоа да функционира“, изјави Кленси за Гласот на Америка.

„Прашањето со изборите во 2024 година е, дека стигнавме до стадиум, за жал, каде што се чини дека за претседателската трка двете партии би можеле да бидат блиску до номинирање кандидати за кои огромното мнозинство Американци не сакаат да гласаат“, вели Кленси

Двопартиската група No Labels беше основана во 2010 година од страна на поранешната демократка, за собирање донации, Ненси Џејкобсон. Организацијата е поврзана со голем број познати личности околу двете големи политички партии, вклучувајќи ги демократскиот сенатор Џо Манчин, републиканската сенаторка Сузан Колинс, републиканскиот поранешен гувернер на Мериленд Лери Хоган и Џо Либерман, поранешен демократски сенатор и потпретседателски кандидат, кој сега е независен. Групата беше одговорна за создавањето на Пратеничката група за решавачи на проблемите во Претставничкиот дом, двопартиска група пратеници кои се обидуваат да ги здружат партиите за прашањата на заеднички договор.

Планот на No Labels за потенцијална поддршка на кандидат од трета страна почна да привлекува одредени критики.

Вилијам Галстон, политиколог за јавна политика и ко-основач на No Labels, јавно ја критикуваше групата поради планот за трета страна. Тој рече дека е загрижен што додавањето на кандидат од трета страна на тесниот натпревар во 2024 година ќе ја одземе поддршката од Бајден и ќе доведе до реизбор на Трамп, чии напори да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година остануваат предмет на истрага од Одделот за правда. „Горд сум на рекордот на No Labels за двопартиско законодавство и знам дека нивните лидери го сакаат најдоброто за нацијата. Но, не можам да ја поддржам подготовката на организацијата за можна независна претседателска кандидатура“, рече тој во изјавата објавена за Вашингтон пост.

„Нема еквивалентност меѓу претседателот Бајден и поранешниот претседател кој го загрозува опстанокот на нашиот уставен поредок. И, што е најважно, во денешната тесно поделена политика, секоја поделба на гласовите против Трамп би ја отворила вратата за негов реизбор“, рече Галстон.

No Labels инсистира дека направила опширно анкетирање што укажува на тоа дека центристички кандидат од трета партија би ги оддалечил гласовите од републиканците и демократите во еднаква мерка.

На веб-страницата No Labels, групата ги опишува своите напори за 2024 година. Кленси изјави за Гласот на Америка дека неговата организација веќе обезбедила можност да претстави кандидат на претседателските ливчиња во 28 сојузни држави и рече дека е уверен дека ќе биде во позиција да надодаде кандидат во сите 50 држави до 2024 година. Групата рече дека најверојатно ќе бара еден републиканец и еден демократ да ги пополнат претседателските и потпретседателските места, создавајќи „билет за единство“. Кандидатот од No Labels ќе биде избран од Комисијата за номинација. Составот на комисијата ќе биде јавно објавен, но размислувања ќе останат доверливи, рече Кленси.

Комитетот за номинација, рече тој, ќе биде „разновидна, истакната група Американци“ составена од „етаблирани фигури од целиот политички спектар, различни полови, етнички припадности, сакавме што е можно повеќе да личиме и да размислуваме како Америка“.

Кленси вели дека групата веќе планира да одржи конвенција во Далас во пролетта 2024 година и дека регрутира делегати кои би можеле да гласаат за ратификација на номинацијата на кандидат.

Според нејзината даночна пријава од 2021 година, No Labels собрале 11,3 милиони американски долари во 2021 година и имале нето средства од 9,7 милиони долари на крајот на годината, што укажува на тоа дека големиот прилив на готовина го овозможи обидот за трета страна во политиката.

Кленси рече дека 70 милиони долари што организацијата во моментов ги инвестира во напорите доаѓаат од „донатори низ целата земја, низ политичкиот спектар по географија“.

Во случај парите, што ги троши неговата група да завршат со оформување на остварлив претседателски кандидат во 2024 година, Кленси рече дека организацијата сепак ќе одбие да ги идентификува изворите на финансирањето што го овозможиле тоа.

Придружната графика покажува хипотетички тринасочен исход на изборите во 2024 година во кој Бајден ќе победи само во Калифорнија и Конектикат, а Трамп победува во наголемо ориентирани републиканските држави, вклучувајќи ги Луизијана, Мисисипи и Алабама, а кандидатот без етикети ќе победи во преостанатите 39 држави.

Политиколозите контактирани од Гласот на Америка рекоа дека се сомневаат дека проекцијата е реална. „Ова е крајно смешно“, изјави за Гласот на Америка Лари Сабато, директор на Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија.

Сабато рече дека верува оти кандидатот од трета партија, номиниран од No Labels, најверојатно ќе и помогне на кампањата на Трамп, а истовремено ќе и наштети на Бајден.

Тој, исто така, изрази загриженост за недостатокот на транспарентност на финансирањето на No Labels.

„Ако дури и не можат да ни кажат кој ги финансира, тогаш тоа ме прави многу сомнителен за нивните мотиви“, рече тој.

Сет Маскет, директор на Центарот за американска политика на Универзитетот во Денвер, изјави за Гласот на Америка дека не очекува обидот за трета страна да добие голема привлечност во изборите во 2024 година.

Поврзано

XS
SM
MD
LG