Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека идеите на републиканците за намалување на буџетот би можеле да го поткопаат производството на САД и да ѝ помогнат на Кина да доминира во светската економија.
Говорејќи во фабрика за полуспроводници во Северна Каролина, Бајден се обиде да влијае на јавното расположение додека се соочува со спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти околу тоа дали федералната влада треба да го зголеми својот законски капацитет за задолжување.
Мекарти денес испрати писмо во кое се вели дека треба да започнат разговори за можни кратења на трошоците во замена за зголемување на лимитот на долгот.
Бајден рече дека републиканците треба да изнесат сопствен буџетски план пред да започнат преговорите. Без договор, федералната влада би можела да не ги исполни своите финансиски обврски.
Претседателот се обиде да го засили притисокот велејќи дека барањата на републиканците за буџетот само ќе ја зајакнат Кина, клучниот геополитички ривал на земјата.
Строгиот однос кон Кина е карактеристика на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се обидува да се врати во Белата куќа во 2024 година.
Бајден, пак, изјави дека има намера да се кандидира за втор мандат, но допрва треба официјално да ја започне својата кампања за реизбор.
Извор: АП