Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп ги повика своите колеги републиканци во Конгресот да го намалат финансирањето на Одделот за правда и ФБИ, еден ден откако во Њујорк се изјасни за невин за фалсификување деловни досиеја.
Трамп, кој се обидува да ја врати претседателската функција во 2024 година, ги нападна федералните органи за спроведување на законот, иако кривичната пријава против него, прва која некогаш била покрената против кој било поранешен или актуелен претседател, не беа покренати од нив, туку од окружниот обвинител на Менхетн.
Но, Трамп се соочува со две кривични истраги од Одделот за правда, предводени од специјалниот обвинтел Џек Смит, кој беше назначен од американскиот државен обвинител Мерик Гарланд. И двете истраги изгледа дека се забрзаа во последните месеци.
„Републиканците во Конгресот треба да го спречат финансирањето на Одделот за правда и ФБИ додека не се вразумат“, напиша Трамп на својата социјална платформа.
Конгресот, веројатно нема да го послуша предлогот на Трамп, бидејќи демократите го контролираат Сенатот, а републиканците го водат Претставничкиот дом. Тоа, исто така, би било остар пресврт за републиканците, кои во минатото поддржуваа големо финансирање за спроведување на законот и ги критикуваа предлозите на некои од левицата во последниве години за „кратење на финансиите“ на локалните полициски оддели.
Конгресните републиканци повикаа на остри кратења на федералните трошоци во замена за гласање за зголемување на лимитот на американскиот долг, но допрва треба да поднесат конкретни предлози.
ФБИ, дел од Одделот за правда, е домашна разузнавачка и безбедносна агенција на САД.
Самиот Трамп го назначи актуелниот директор на ФБИ Кристофер Реј, откако го отпушти претходниот шеф Џејмс Коми во 2017 година.
Трамп го поддржа зголемувањето на трошоците за Одделот за правда додека беше претседател од 2017 до 2021 година. Неговиот буџет се зголеми за 4 проценти во тој период, покажаа бројките на Белата куќа.
Извор: Ројтерс