Со транспаренти „Русија е терористичка земја“, „Русија го украде детството на украинските деца“, „Путин пред суд“, украинските граѓани што живеат или се привремено во земјава денеска во Скопје одбележаа една година отпор против руската агресија врз Украина.
Ним им се придружија и мал број македонски граѓани. Собирот го организира украинското здружение во „Лесја Украинка“.
Имаме надеж зашто видовме дека целиот демократски свет застана со Украина. Украина се бори демократија, за слободаАлександар Урбанович
„Имаме надеж зашто видовме дека целиот демократски свет застана со Украина. Украина се бори демократија, за слобода. Се надеваме дека со такви другари што поскоро ќе се ослободиме од империјалистичките визии на Путин“, ни изјави Александар Урбанович, претседател на Украинското здружение „Лесја Украинка“.
Меѓу учесниците на денешниот собир беше и Володимир Самојленко, чија сопруга е со македонско потекло и кој е поранешен полициски службеник.
После посетата на Бајден, што да речам. Војната ќе заврши со наша победа. Нема никаква дилема за тоа.Володимир Самојленко
Тој верува дека посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Украина е јасен знак дека крајот на војната е близу и тоа во корист на Украина.
„После посетата на Бајден, што да речам. Војната ќе заврши со наша победа. Нема никаква дилема за тоа. На Русија и на господинот Путин би му порачал да прекине што поскоро. Така ќе се спасат и наши луѓе, но и нивни луѓе“, вели Самојленко.
На денешниот собир ја сретнавме и 22-годишната Олга Лепка, која е од западниот дел на Украина. Во земјава пристигнала набргу после почетоците на руските напади. Се обидела есенва да замине за Украина, но не успеала поради интензивирање на руските ракетирања.
„Моите роднини останаа во Украина. Не сакаат да заминат зашто татко ми не може да ја напушти границата. Јас сум тука, живеам во изнајмен стан и работам од далечина за украинска фирма и им помагам на сограѓаните“, вели Олга.
Во земјава од почетокот на руската агресија престојувале околу 6.000 украински граѓани. Нешто повеќе од 300 лица од нив имаат извадено македонски лични карти од хуманитарни потреби.
Но, тие лични карти, како што велат од украинското здружение, не им овозможуваат на лицата со статус бегалци да добијат работа и преку тоа да си обезбедат здравствено осигурување за нив и нивните семејства.
Сепак, Урбанович вели дека се благодарни за помошта и за отворените врати што им ги овозможиле македонските граѓани и институции на Украинците во земјава, како и за помошта испратена во Украина.
„Имаме одлична соработка со Црвениот крст од каде добиваме помош во храна, облека, ваучери за облека, лекување, здравствени совети и многу сме благодарни за тоа“, вели Урбанович.
Единствена желба и надеж на украинските граѓани е да заврши војната со нивна победа и да се вратат во своите домови.
„Што да речам. Тоа што го посакувам е што поскоро да дојде крај на војната, Украина да победи и да се вратам дома“, вели Олга.
Денешниот собир заврши во Паркот на жената борец во Скопје, каде положија цвеќиња пред споменикот на писателот Тарас Шевченко, еден од најзначајните личности за развојот на украинскиот јазик и нација.
Facebook Forum