Линкови за пристапност

Украински владини функционери поднесоа оставки поради обвинувања за корупција


Претседателот Володимир Зеленски најави нови кардовски решенија во министерствата и другите структури на централната власт
Претседателот Володимир Зеленски најави нови кардовски решенија во министерствата и другите структури на централната власт

Неколку високи украински функционери денес ги објавија своите оставки поради, како што рече претседателот Володимир Зеленски, некои кадровски промени во неговата влада.

Заменик-министерот за одбрана Виачеслав Шаповалов, кој беше задолжен за логистичка поддршка на силите на Украина, се повлече од функцијата, поради наводи за скандал со набавка на храна што тој ги негира.

Заменик-јавниот обвинител Олексеј Симоненко и заменик-шефот на канцеларијата на Зеленски Кирило Тимошенко, исто така, поднесоа оставки без да ги наведат причините за нивното заминување.

„Веќе има кадровски решенија. Некои денес, некои утре, во врска со службеници на различни нивоа во министерствата и другите структури на централната власт, како и во регионите и во органите за спроведување на законот“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави денес дека одлуката на неговата влада дали да одобри извоз на тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина ќе дојде многу наскоро.

Зборувајќи заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по разговорите во Берлин, Писториус им рече на новинарите дека тековниот преглед вклучува испитување на залихите на германските тенкови и разгледување на прашањата за компатибилност.

Соочувајќи се со притисок од сојузниците, вклучително и оние кои поседуваат тенкови Леопард кои сакаат да ги испратат во Украина, Писториус истакна дека постои единство во НАТО алијансата и рече дека иако некои земји сакаат да се движат побрзо од другите, тие не се поделени.

Столтенберг рече дека консултациите меѓу сојузниците за проблемот со тенковите ќе продолжат и дека наскоро ќе има „решение“.

„Во овој клучен момент во војната, ние мора да обезбедиме потешки и понапредни системи за Украина и тоа мора да го направиме побрзо“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека обезбедувањето борбени тенкови за украинските сили е важно за да се одбие рускиот напредок и да ѝ се помогне на Украина да ја врати нејзината територија.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека Германија го добила барањето на Полска за согласност да испрати тенкови од германско производство во Украина.

„Јас, исто така, ја повикувам германската страна да се приклучи на нашата коалиција на земји кои ја поддржуваат Украина со тенкови Леопард 2“, напиша Блашчак на Твитер.

Портпаролот на Стејт департментот на САД Нед Прајс, вчера ја истакна другата воена помош што Германија ја испрати до украинските сили.

Прајс рече дека Украина има тенкови во служба и дека САД им помогнале на украинските сили да додадат повеќе во нивната флота.

„Работевме со нив за да набавиме тенкови од поранешно советско и руско производство на кои тие веќе се обучени, знаат како да ги користат, можат веднаш да ги искористат, можат да ги поправат, да ги одржуваат во функција, и што е најважно, тие можат да бидат ефективни со нив“, рече Прајс.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG