Линкови за пристапност

Забрзајте со испораката на оружје, им рече Зеленски на западните сојузници


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, на донаторската конференција денес во Германија, им рече на нациите дека ова е одлучувачки момент за Украина
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, на донаторската конференција денес во Германија, им рече на нациите дека ова е одлучувачки момент за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на донаторската конференција денес во Германија имаше едноставна порака до неговите западни сојузници: „забрзајте“ со испораката на оружје.

Говорејќи преку видеоврска на собирот на сојузниците на Украина кои разговораат за најдобриот начин да ѝ помогнат на Украина, Зеленски рече дека сојузниците треба „да не се пазарат за различен број тенкови“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин им рече на нациите донатори: „Треба да копаме уште подлабоко. Ова е одлучувачки момент за Украина“. Тој рече: „Украинскиот народ нè гледа, Кремљ нè гледа и историјата нè набљудува“.

На состанокот учествуваа претставници од 50 земји, вклучително и сите членки на НАТО.

Пред состанокот во петокот, се чинеше дека САД и Германија беа воздржани во врска со снабдувањето со тенковите Леопард 2 и Абрамс што Украина ги побара, при што Остин рече:

„Ние ќе ја обновиме нашата обединета посветеност да ја поддржиме самоодбраната на Украина на долги патеки“, рече тој, но, не спомна конкретна нова опрема.

Зеленски беше јасен дека она што ѝ треба на Украина е снабдување со модерни тенкови. Во видеообраќањето доцна во четвртокот, тој рече дека неговата земја очекува „силни одлуки“ и „моќен пакет воена помош од САД“.

Русија денес рече дека какви било дополнителни тенкови доставени до Украина нема да имаат ефект врз текот на конфликтот.

„Постојано кажавме дека таквите испораки нема фундаментално да сменат ништо, туку ќе додадат проблеми за Украина и украинскиот народ“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите во Москва.

Тој рече дека Западот ќе „зажали за својата заблуда“ дека Украина може да победи на бојното поле.

САД вчера објавија воена помош од над 2,5 милијарди долари, која не вклучува тенкови.

Најновиот пакет на оружје на САД вклучува 59 борбени возила „Бредли“ и 90 оклопни транспортери „Страјкер“. Возилата доаѓаат со три типа ракети, десетици илјади артилериски и минофрлачки гранати и дополнителни ХИМАРС и други системи за противвоздушна одбрана.

Новиот пакет за помош на САД ја донесе американската воена помош за Украина на речиси 27 милијарди долари од почетокот на руската инвазија пред речиси една година.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG