Линкови за пристапност

Полска размислува да ѝ испрати тенкови на Украина и без формална дозвола на Германија


Украина долго време бара тешки тенкови за борба против руските сили кои користат помодерни тенкови од оние во арсеналот на Украина
Украина долго време бара тешки тенкови за борба против руските сили кои користат помодерни тенкови од оние во арсеналот на Украина

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека неговата земја гради коалиција на држави подготвени да испратат тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина, дури и ако Германија не даде формална дозвола за такви трансфери.

Тој рече дека Полска ќе бара дозвола од Германија, но дека барањето одобрение од Берлин е од второстепено значење.

„Постојано вршиме притисок врз владата во Берлин да ги стави на располагање своите Леопарди“, рече Моравјецки.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок вчера изјави за француски ТВ канал дека доколку Полска побара дозвола да ги испрати своите тенкови Леопард 2 во Украина, „нема да застанеме на патот“.

Германија вели дека нема да се спротивстави ако Полска ѝ испорача тенкови Леопард 2 на Украина.

Украина долго време бара тешки тенкови за борба против руските сили кои користат помодерни тенкови од оние во арсеналот на Украина.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, денес на Телеграм напиша дека она што ѝ треба на Украина не се 10-20 тенкови, туку „неколку стотици“ за да ја постигне својата цел.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денес изјави дека дебатата меѓу европските земји за тоа дали да се испратат тенкови на Украина покажала „зголемена нервоза“ во НАТО.

Тој, исто така, предупреди дека земјите кои испорачуваат оружје на Украина „ќе сносат одговорност за тоа“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера не кажа дали Германија ќе се согласи да ѝ обезбеди на Украина борбени тенкови, но „Ројтерс“ објави дека тој рекол оти таквите одлуки ќе бидат донесени во координација со сојузниците, вклучително и САД.

Европското лидерство ја критикува неодлучноста на Германија за тенковите. Францускиот претседател Макрон изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање тенкови Леклер во Украина. Тој, сепак, предупреди дека испраќањето тенкови не смее да ја загрози безбедноста на Франција или да ја ескалира војната меѓу Украина и Русија.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли изјави вчера во интервју за „Скај њуз“ дека би сакал да ги види Украинците „опремени со работи како Леопард 2“.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом Мајкл Мекол, изјави за „Еј-Би-Си“ дека САД треба да ги понудат своите тешки борбени тенкови Абрамс на Украина за да ја охрабрат Германија да ги испрати и своите Леопард 2.

„Само еден тенк Абрамс би бил доволен за да ги поттикне сојузниците, особено Германија, да ги отклучат сопствените резерви на тенкови за борба против Русија“, рече тој.

Демократскиот сенатор Крис Кунс, исто така, изјави за „Еј-Би-Си“ дека е време да се остави настрана загриженоста на САД за испорака на Абрамс.

„Го почитувам тоа што нашите воени лидери мислат дека Абрамс е премногу софистицирана, премногу скапа платформа за да биде корисна како Леопардите, но ние треба да продолжиме да работиме со нашите блиски сојузници и да одиме напред со чекор напред“.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG